Фото: Маја Јаневска-Илиева

Има многу ѕвезди во шоу-бизнисот, ама малку извонредни музичари, а несомнено Стинг е еден од нив, рече Влатко Стефановски, кој ќе биде специјален гостин на концертот на Стинг што ќе се одржи на 2 јуни на Градскиот стадион

Познатиот светски музичар Стинг е главна ѕвезда на фестивалот „Скопје колинг“, кој ќе се одржи на 2 јуни на Градскиот стадион во Скопје во организација на продукцијата „Авалон“. Стинг доаѓа во рамките на неговата светска турнеја „Моите песни“, како што е насловен и неговиот најнов албум, што излегува утре.
Куриозитет е тоа што ова е негов единствен концерт што ќе се одржи на стадион во рамките на светска турнеја. Концертот ќе има спектакуларна продукција, а бината ќе биде иста како на главната сцена на фестивалот „Егзит“ во Нови Сад.

– Концертот на Стинг, според цифрите и логистиката, е нашиот најамбициозен проект. Само Џејмс Браун и групата „Сантана“ настапиле на Градскиот стадион, но само пред публика на јужната трибина. А на овој голем чекор се решивме откако пред две години влезниците за настапот на Стинг во арената „Борис Трајковски“ беа распродадени за два часа. Драго ми е што Влатко Стефановски, како специјален гостин ќе настапи пред Стинг, а неговиот менаџмент, предлогот за неговиот настап со задоволство го прифати – рече Бобан Милошески од „Авалон“.

Тој додаде дека се очекува посета од 25 до 30.000, што е реална бројка за еден ваков спектакл кај нас. Влатко ќе настапи од 20 до 21 часот, и како што рече, грижливо ги одбира песните што ќе ги изведе со своето трио, кое е подмладено и го сочинуваат неговиот син Јан Стефановски на тапани и младиот басист Иван Кукиќ од Струмица.

– Мојата сторија со Стинг е долга, па иако бавно, ете се приближуваме еден кон друг. Своевремено бев обожавател на групата „Полис“, а ги гледав во најдобрите денови во Лондон. Ја следев и соло-кариерата на Стинг и бев на негов концерт во Минхен во 1985 година. Освен тоа, соработував со неговиот тапанар Ману Каче, а во Загреб свирев со неговиот музичар Доминик Милер. Се надевам дека на 5 минути ќе го запознаам, ќе му ги пренесам моите комплименти и ќе му кажам за инспирацијата што ми ја дал сите овие години. Има многу ѕвезди во шоу-бизнисот, ама малку извонредни музичари, а несомнено Стинг е еден од нив. Тој е посветеник на музиката, музички ветеран што постојано снима и патува неуморно низ планетата – рече Влатко Стефановски на вчерашната прес-конференција.

Тој се присети на фудбалски натпревар што се одржал на истиот стадион, каде што ќе настапат и двајцата виртуози, кога Македонија загубила од Велика Британија со 2:1.
– Тогаш доживеав неверојатна возбуда зашто знаеме што значи Британија и во фудбалот и во музиката. Затоа се надевам дека во музичкиот натпревар Стинг против Влатко Стефановски ќе извлечам нерешен резултат – се пошегува нашиот најпознат гитарист.
Со видеопоздрав Стинг го најави своето скорешно доаѓање во Скопје.