Според УЕФА, најскапите билети за гостински гледачи за меч во Лига Европа треба да бидат 45 евра

Билетите за гостинските навивачи сезонава во Лигата на шампионите (ЛШ) ќе чинат најмногу до 70 евра, а во Лига Европа (ЛЕ) до 45 евра, објави Европската фудбалска унија (УЕФА) по поплаките на навивачите последниве години.
– Навивачите се изворот на енергија на играта и оние што ги следат своите тимови на гостинските натпревари мора да имаат пристап до билети по разумна цена, имајќи ги предвид и трошоците што веќе морале да ги направат за патувањето – изјави претседателот на УЕФА, Александер Чеферин.

Овој потег следува откако Манчестер јунајтед и Ливерпул се налутија поради тоа што лани Барселона на своите навивачи билетите им ги наплати по 119 евра. Тие мораа да издвојат дел од дополнителните приходи за да им ги субвенционираат трошоците на навивачите. Англиските клубови за возврат, исто така, ги зголемија цените на билетите за навивачите на Барса. Слично нешто му се случи на Јунајтед на дуелот со Севилја во осминафиналето во ЛШ во 2018 година.

– Ова претставува напредок и ние ја пофалуваме УЕФА за таквото размислување. Со тоа ќе се елиминираат најгорливите случаи на прескапи билети, кои, според нашето мислење, уште се превисоки. Влијанието на новата регулатива ќе биде разгледано на крајот од сезоната, по што ќе лобираме кај релевантните страни за нови намалувања на цените – вели извршниот директор на Здружението на фудбалските навивачи во Европа, Ронан Евајн.