Илустрација: Игор Јовчевски

Во „Колибри“, како подарок за сите деца, ексклузивно ја објавуваме серијата „За секоја буква приказна“ во 31 продолжение, на писателот Владо Димовски. Приказните се дел од проектот на издавачот „Арс ламина“ – „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“

ЗА СЕКОЈА БУКВА ПРИКАЗНА: В

Приказнарот:
В!!! В… Не, В не е вошка. Мене ми е поубаво В да биде вирче во кое можеш да се гледаш како во огледало. Оние што В ја гледаат како верверичка, е, за нив велат дека се итри и брзи како верверички. Дали има приказна за верверички?… Има, како нема. Има…. Чекајте да избројам колку има… една, две… пет! Ќе ви ја раскажам четвртата. Толку како за почеток. А, сега ајде да внимаваме и сите зборови што почнуваат на буквата В да ги заклучиме во нашите главчиња, не за друго, туку за да не ни избегаат. Кога ќе заврши приказната заедно ќе ги отклучиме.

Приказнава е стокмена за верверичките со многу убави имиња, се викале Верче и Весна. Колку убаво, Верче и Весна. Весна имала и браќа и сестри, но некако најубаво ѝ било да си игра со братучетка и Верче. Ова го расчистивме, е, сега да ви кажам каде живееле Верче и Весна. Живееле кај Горица, во Охрид. Како и сите верверички и тие скокале по гранките на околните дрвја, слегувале по стеблата и правеле дупки во земјата. Најмногу сакале да играат скокана, демек која повеќе ќе скокне, но играта немала победник, се играла, така, за забава и за вежбање. Верче се терала за поумна и поитра од Весна, ама кога ќе погледнела во водите на Охридско Езеро, толку многу ќе се исплашела…

– Весне, јас се качувам, горе, на гранките. Доаѓаш!
– Пак ли погледна во езерото?!… Нели ти реков да не гледаш!
– Ми рече, ама погледнав! Те молам, дојди! Се плашам!
И, така секој ден. Верверичката Верче собирала страв, а водите во езерото еднаш биле мирни, другпат разбранувани и разиграни. Времето врвело, Верче не успеала да го најде одговорот на прашањето: Од каде толку вода на едно место. Читала книги, ги прашувала постарите верверички, ништо, не можела да се ослободи од стравот. И како што се случува во приказните, некој се сетил и го измислил Влатко. Бил дете како сите деца. Одел во градинка, но во саботите понекогаш доаѓал и на Горица заедно со вујко му Васил. Влатко носел топка, вујко му јадица за да фаќа риби.
– Вујче, јас ќе играм со топката, а ти фаќај риби. Ако е топла водата ќе влезам малку и во езерото. Важи, вујче?!

– Важи, само да не ми ги избркаш рибите!
Верверичките?!… Кога ги виделе овие двајца, брзо, брзо, како ветер да ги дувнал, се качиле на највисоките гранки на блиското дрво. Гледале, долу, гледале…. И, што виделе?!… Голема работа. Влатко играл со топката, а вујко му Васил фаќал риби.
– Весне, го гледаш детето како си игра со топката?
– Го гледам… И мене ми се игра со топка, ама ми е страв од водата.
– Јас тргнав, ако ти се доаѓа, доаѓај!
– Весне!!!… Види ја, отиде!

И, така, верверичките дошле кај Влатко и заедно со него скокале по топката. Влатко почнал да ги учи како се игра ватерполо, им покажал како се игра одбојка… Верче заборавила на стравот од вода, а вујкото на Влатко се изнафаќал риби. Едно време ја оставил јадицата и почнал и тој да игра со топката.
Таму некаде кога малата стрелка на часовникот дошла кај бројот два, а големата кај бројот дванаесет, Влатко ја зел скарата, го нагорел огнот и почнал да ги пече рибите. Мислите тука завршува приказната?… Не, верверичките донеле лешници и така тој ден на Горица, кај Охрид, под дебелите сенки на високите дрвја се јадело риби на скара и се мезело лешници. На вујкото на Влатко, на Васила, му се погодило и виното, та до вечерта пееле и играле ора.
Тој што ја измислил оваа приказна нѐ потсетува на нешто што е многу важно, а што го кажала верверичката Весна…

– Јадевме, игравме, скокавме, време е да собереме сѐ што остана и да го фрлиме во онаа канта, онде. И, огнот да го изгаснеме.
Рекла што рекла верверичката Весна, а јас гледам дека многу, многу не ми верувате. Но, пак ќе ви речам: „Ако ми верувате арно, ако не уште поарно!“
За крај зборовите што ги пикнавме во оваа приказна, а кои почнуваат на буквата В ги отклучуваме: Весна, Верче, Влатко, Васил, верверичка, вујко, вода, вошка, ветар, вирче, ватерполо, вирче, влегува, важи, вино, важно, верува…


Наместо белешка за авторот

Владо Димовски

Владо Димовски е познат македонски писател за деца и за возрасни, автор е на радиодрами и сценарист на телевизиски играни серии. Роден е во селото Долно Дупени, Ресенско во 1951 година. Работел во Македонското радио како новинар, а бил уредник на Редакцијата за деца, уредник на Секторот за култура, образование и наука и извршен уредник на играната програма.
Член е на ДПМ од 2000 година. Добитник е на голем број домашни и меѓународни награди.
Негови најпознати дела посветени на децата се: „Цвет од сонца“, „Умни глави“, „Приказни за буквите“, „Тате, мама и јас“, „Продавница за играчки“, „Испревртени приказни“ и други.
Чест гостин е во додатокот за деца „Колибри“, а до скоро на нашите страници се објавуваше неговата едукативна серија, која стигна до бројката 70, „Да зборуваме македонски со Владо Димовски“.