Роберт Гарланд

Конечно заврши спорот со бившата југословенска Република Македонија (БЈРМ). Грчкиот парламент се согласи дека државата што се наоѓа северозападно од Грција и која по распадот на Југославија во 1991 година се нарекуваше Република Македонија, сега може да се вика Република Северна Македонија. Грција претходно се противеше на употребата на „Македонија“ во уставното име на оваа држава. Како што се покажа, очигледно придавката „северна“ пред „Македонија“ прави голема разлика.

Коренот на проблемот, или барем оправдувањето за проблемот од грчка перспектива, водеше до Филип Втори Македонски и, уште поважно, до неговиот син Александар Македонски. Ако таткото и синот не го ставеа Македонското Кралство на светските карти, денешните Грци немаше да имаат право да тврдат дека само тие имаат право да го употребуваат името „Македонија“. Но всушност кои биле Македонците? Кое е нивното потекло?

За време на грчко-персиските војни, пред околу 2.500 години, атинскиот амбасадор во записите на Херодот тврди дека Грците се еден народ, зашто зборуваат ист јазик, имаат заедничка крв и иста религија. Аргументот со крвната поврзаност може веднаш да се отфрли, зашто не постои чиста раса. Исто така, религијата е концепт што само делумно се поврзува со расата. Така останува аргументот со јазикот, а тој отвора трнливо прашање: дали Македонците зборувале на некаков грчки дијалект или станува збор за посебен јазик или некаква комбинација? Тие немаат литературни записи и немаат оставено никакви натписи на нивниот сопствен јазик, па затоа немаме сигурни факти.

Така, во 1977 година, грчкиот археолог Манолис Андроникос тврдеше дека артефактите и сликите во она што тој го идентификува како гробот на Филип Втори во Кутлеш, северна Грција, несомнено покажуваат дека Античките Македонци биле Грци. Кога тој починал, Андроникос имал државен погреб и бил пофален како „бранителот на Грција“. Проблемот е што артефактите можеби биле увезени и сликарите во гробниците можеби не биле Македонци. Така што ниту материјалните докази не го решаваат прашањето, иако неоспорно покажуваат дека Македонија била во грчката културна орбита.

Ваквите сложени детали, секако, се неважни кога станува збор за поголемата слика за користење на минатото како пропаганда. Што опфаќа името? Сè и ништо. Но барем може да се пофалат Грците затоа што го закопаа минатото.

Авторот е професор на универзитетот „Колгејт“ во Њујорк