Стотици осудени џихадисти ќе бидат ослободени од затвор во наредните неколку години, а нивниот број ќе биде зголемен од оние затвореници што го прифатиле екстремизмот додека ја служат казната. Затворите може да послужат како универзитети за криминал за домашните џихадисти, кои немаат терористичко искуство, а долгогодишните криминалци, кои се конвертираат, веќе ќе поседуваат вештини корисни за напади. Ослободените екстремисти само дополнително ќе ги оптоварат веќе преоптоварените владини сили што се борат против цихадистичката закана

Кога 36-годишниот Белгиец Бенјамин Херман на 28 мај беше пуштен од затвор на два дена слобода, тој веќе беше човек со мисија. Истата вечер, тој уби дилер на дрога, кој го запознал во затвор, претепувајќи го со чекан. Наредното утро, Херман од зад грб нападна две полицајки, повеќепати повредувајќи ги со скалпел, извикувајќи „Господ е голем“. Потоа, со пиштолот што успеал да го земе од едната полицајка, Херман успева да ги убие и двете полицајки. Но, неговиот крвав поход не запира тука. Тој потоа успеа да земе жена како заложник во едно училиште, по што во престрелка со полицијата рани четворица полицајци, пред да биде ликвидиран од специјалните сили.
Крвавиот поход на Херман е потсетник за заканата што доаѓа од радикализираните затвореници, кои се ослободени во општеството. Иако по потекло е европски Белгиец, криминалната кариера го конвертирала во исламот додека бил во затвор, каде што им го привлекол вниманието на радикалните џихадисти во редовите на затворениците. Затворениците одамна се плодна почва за регрутирање, а Херман е еден од најновите криминалци што го откриле исламот пред да бидат вовлечени во екстремистичкиот вител. Ваквата закана и натаму ќе постои, бидејќи стотици џихадисти во наредните неколку години ќе бидат ослободени од затворите во западните земји.

Трансформацијата од ситен криминалец до џихадистички терорист има долга историја и голем број познати примери. Некои, како што се неуспешниот бомбаш со чевел Ричард Рид и планерот на „валкана бомба“ Хозе Падиља, ги прифатиле исламот и џихадизмот. Други, како што е Абу Мусаб ал Заркави, основачот на терористичката група, која подоцна ќе стане Исламска држава, беа „застарени“ муслимани, кои ѝ се вратиле на нивната вера додека биле во затвор. Честопати овие затвореници се регрутирани од џихадистите, кои веќе се во затвор поради терористички заговор или затоа што ја проповедале нивната радикална верзија на исламот. На пример, Ал Заркави поминал четири години во затвор во Јордан заедно со познатиот џихадистички идеолог Абу Мухамед ал Макдиси.
Во Франција напаѓачот врз „Шарли ебдо“, Шериф Куачи, и неговиот пријател Амеди Кулибали, кој уби полицаец и нападна еврејски супермаркет, беа ситни криминалци, кои во затвор потпаднале под влијание на Џамел Бегал. Бегал се очекува да биде пуштен на слобода на 5 август, откако беше осуден на десет години затвор поради неговото учество во неуспешниот заговор за бомбашки напад врз американската амбасада во Париз во 2001 година. На Бегал исто така му е одземено француското државјанство, и Владата најверојатно ќе го депортира во Алжир по неговото ослободување.

Во Ирак, лидерот на Исламската држава Абу Бакр ал Багдади одреден период беше затворен во кампот „Бука“. Многу одлични книги за подемот на ИД, вклучувајќи ја и „ИД: Држава на теророт“ од Џесика Стерн и Џ.М. Бергер, зборуваат за тоа како тој период бил од огромно значење за радикализирањето на Ал Багдади. Овие книги, а посебно „Сириски џихад“ од Чарлс Листер, исто така укажуваат на критичната улога на сирискиот претседател Башар ал Асад, која ја одигра кога одлучи да ослободи стотици џихадисти од затворите во 2011 година, помагајќи го експлозивниот подем на терористичката група.
Но, радикализацијата во затворите не е само европски или блискоисточен проблем. Во Индонезија екстремистите беа дел од неодамнешниот бунт во затвор, сигнализирајќи на тоа дека проблемот се протега и на пацифичка Азија, вклучувајќи ја и Австралија. И во САД има повеќе слични случаи. Во јули 2005 година, бившите затвореници Ливар Вашингтон и Грегори Петерсон беа откриени како ограбуваат банки во Калифорнија, како дел од нивните напори за финансирање џихадистички напади врз повеќе цели. Изгледа дека ниту една земја со криминалци и со затвор не е имуна од потенцијалот за радикализација.

Вештините што криминалецот ги развива во планирањето и извршувањето на престапите – криминалниот занает – не се многу поразлични од тие што се потребни за терорист. Ваквата експертиза честопати е многу поуспешна за терористички напади во непријателска средина, отколку основни герилски вештини, кои повеќето џихадисти ги учат во камповите за обука. Во изминатиот период забележани се сличности помеѓу криминалните циклуси и циклусите со терористички напади. Затворениците често споделуваат совети и техники и не е чудно од другите затвореници да добијат инструкции за боречки вештини или за употребата на едноставни оружје. Тие исто така учат како да ги разоружат припадниците на безбедносните служби. И навистина, таква затворска обука можеби му помогнала на Херман да се подготви за неговиот напад врз полицајците во Лиеж.
Лекциите што се научени и воспоставените контакти во затвор може да продолжат и по излегувањето на слобода на криминалците. Таквите врски може да помогнат во нападите. Во Франција, Кулибали ги искористи своите криминални познанства за да го набави оружјето, кое браќата Куачи го користеа во нападот врз „Шарли ебдо“. Напаѓачот од Тулуз Мохамед Мерах, уште еден ситен криминалец, го набави своето оружје на сличен начин. Тој дури и го купи оружјето со пари што ги стекнал преку најразлични криминални дејства.

Затворите често се опишуваат како универзитети за криминал, а вештините што радикализираните затвореници ги поседуваат или, пак, што новите џихадисти ги учат, се сериозна закана откако ќе бидат пуштени на слобода. Повеќето од терористите што ќе извршат успешни напади добиваат долги затворски казни. Сепак, многу други биле уапсени за помали обвинувања, кои носат пократки казни. Способноста на владите да ги приведат и контролираат овие луѓе е ограничена. Резултатот ќе биде подем во бројот на потенцијални закани, кои мора да се следат, а владите низ светот не се во можност постојано да ги следат сите закани за кои сега се свесни. Тоа само ќе ги зголеми нивните проблеми, додека се трудат да ги идентификуваат, проценат и набљудуваат домашните џихадисти или, пак, странските борци-повратници.
Се разбира, заканата не е ограничена само на џихадистите. И други движења и групи се вовлечени во системите на радикално верување, како што се белите расисти или црните сепаратисти. Многу затвореници излегуваат од затвор многу поопасни отколку при нивното затворање. Програмите за рехабилитација и за дерадикализација имаат мал успех, а ослободените џихадисти ќе претставуваат сериозна закана и во блиска иднина.