Манев, Стоклас и Влакевски со трофејот

Во својата кугларница, Запрешиќ, за кој играат Манев, Влакевски и Стоклас, на фајналфор-турнирот прво го совлада германски Рот Зербст со 7-1, а во финалето и Спорт Подбрезова од Словачка со 5-3

Хрватскиот кугларски клуб Запрешиќ, во чии редови настапуваат македонските куглари Бранко Манев (од 2015 година има хрватско државјанство) и Бојан Влакевски, како и некогашниот македонски репрезентативец со словенечко потекло Урош Стоклас, триумфира во годинашната Лига на шампионите (ЛШ). Во својата кугларница во Запрешиќ, на завршниот фајналфор-турнир прво убедливо беше совладан германски Рот Зербст за кого игра македонскиот репрезентативец, натурализираниот Словенец Борис Бенедик, со 7-1, а во финалето и Спорт Подбрезова од Словачка со 5-3.

– На некој начин очекувавме да победиме, затоа што лани во истата кугларница триумфиравме и во Светскиот куп, па тоа со право ни овозможи да размислуваме да бидеме први и во ЛШ, која повторно се играше во Запрешиќ – вели Манев, кој може да се пофали со четири освоени меѓународни клупски трофеи – Светскиот и Европскиот куп, ЛШ (сите со Запрешиќ) и Купот на НБЦ (со Осиек).

Манев и во полуфиналето и во финалето настапи прв и забележа две победи со соборени 679, односно 651 кегла, од кој првиот е негов личен рекорд во новата кугларница во Запрешиќ.

– Беше тешко да се стигне до овој триумф, за разлика од ланскиот Светски куп, оти ривалите тогаш првпат куглаа во Запрешиќ, а сега веќе ја познаваа нејзината специфичност и затоа ги подобрија резултатите – појаснува светскиот јуниорски првак од 2010 година во поединечно и во комбинација, медали што всушност и му се најдраги во неговата богата играчка кариера и му овозможија да стигне таму каде што е денес.

Бојан Влакевски, исто така, даде свој печат во заверување на титулата иако во финалето минимално загуби од Словакот Ерик Куна (679-681), а во полуфиналето победи (696-651 кегли).

– Тоа беше мошне возбудлив последен дуел со многу пресврти. Влакевски загуби, но значајно беше тоа што ја одржа вкупната разлика во наша корист, што беше и решавачко. Тој всушност веднаш се снајде откако дојде и од самиот почеток претставуваше наше големо засилување – вели Манев, кој лани беше прогласен за најдобар играч во хрватската лига.

Манев, кој е син на истакнатиот македонски куглар Тодор Манев, а досега ги бранел боите на Макпетрол, Осиек и на Запрешиќ, има пофални зборови за сегашниот клуб, во чии редови е од 2013 година.

– Запрешиќ е млад, но многу амбициозен клуб, кој успеа да ги освои сите екипни меѓународни купови, а се надевам дека ќе продолжиме и понатаму во истиот стил. Сега останува уште да го освоиме домашниот Куп – вели Манев, чија следна цел е настапот на екипното Светско првенство во Чешка, годинава.

Бранко Манев досега бил и кадетски светски шампион во дисциплината спринт, како и носител на бронзен медал во комбинации на СП за сениори, бранејќи ги боите на Македонија. Неговиот личен рекорд изнесува 705 соборени кегли, 29 помалку од актуелниот светски рекорд во сопственост на Унгарецот Тамаш Кис.

[email protected]