Одбојката повторно е во фокусот на интересирањето на македонската спортска јавност, најмногу поради фактот што машката репрезентација обезбеди пласман на финалниот дел од Европското првенство (ЕП) наесен. На домашен план, кај мажите, се очекува интересна борба за шампионската титула, почнувајќи од плејофот, во кој ќе се најдат шесте првопласирани тимови по регуларниот дел од шампионатот.

Со натпреварите од 10-то коло, денеска и утре, започнува пролетниот дел од првенство на Македонија во двете конкуренции. Повеќето екипи играчки доста се засилија. Лидерот и актуелен шампион, Џио Струмица, која е без пораз, со максимални девет победи и без загубен сет, се засили со репрезентативниот среден блокер, Славе Наков, кој се врати од Дреница, Косово, со Бојан Стојанов и со Ристо Балџиев. Шутова од Кичево, која е шестопласирана по првиот дел, со големи амбиции влегува во продолжението од шампионатот со оглед дека ангажира шестмина нови одбојкари. Најзвучна аквизиција е долгогодишниот репрезентативен среден блокер Ѓоко Јосифов, кој претходно потпиша договор и со Вардар!

Вардар исто така создава силен тим, во кој се враќа закрепнатиот репрезентативец, средниот блокер Ристо Клопчевски, како и Влатко Трајчевски.