Тркачкиот оддел на „Ламборгини“, „Сквадра корс“, го изгради својот прв легален патен модел

„Ламборгини авентадор“ е првиот модел изграден од тркачката дивизија на „Сквадра корс“.

„Сквадра корс“ е мотоспорт-дивизија, која ги нагодува и тјунира тркачките автомобили, а сега направија исклучок и со тоа што во соработка со „Ламборгини“ ја создадоа новата и еднократна верзијата на „авентадор“. „Ламборгини“ презеде нов чекор во светот на индивидуално изградените еднократни серии на автомобили и изгради радикалната машина наречена „ЦС18“, која претставува уникатен примерок. Темните бои, злиот изглед се доминантни во дизајнот, а примарна мисија на автомобилот претставува доминацијата. Внатрешноста ја следи темната тема, со црна и со црвена боја, кои се застапени и на двете седишта што се изградени од јаглеродни влакна.

Хиперавтомобилот базиран на авентадор-дизајнот е овозможен од лудите дизајнери на „Ламборџини“ и од лицето со посебни барања до компанијата за изградба на ваков специјален автомобил. Со други зборови, кога креативноста на „Ламборгини“ е финансирана од неименуван клиент на кој нормалниот „авентадор“ не му е доволен, го добивате бесниот „ЦС18“. Можеби името не прилега за ваков вид автомобил, но како било да се нарече, пак ќе изгледа моќно и импресивно. Автомобилот не е само убав и страшен туку во него има вклучено повеќе функционалности. Почнувајќи од хаубата, која ги вклучува влезовите на воздух што се базирани на „хуракан ГТ3 ЕВО“.

Понатамошно влијание на хуракан-моделот може да се најде на страничните делови и на заднините со браници и перки. Автомобилот има екстремно добра аеродинамика, развиена специјално за овој модел од искуството на „Сквадра корс“. Дополнителната аеродинамичност овозможува задниот масивен спојлер, создаден од карбонски влакна, кој може да се приспособи рачно на три различни позиции. На овој начин овозможува подобро и побрзо движење на автомобилот при големи брзини. Покрај тоа, дванаесетте влеза за воздух формирани на задниот дел, (решение што веќе е успешно тестирано во трките за издржливост) ја зголемува размената на топлина и го подобрува ладењето на моторот.

Опремен со познатиот 6,5-литарски В12 мотор на „ламборгини“, кој работи преку седумбрзински менувач. Автомобилот поседува 770 коњски сили и 720 вртежи во минута. „Ламборгини ЦС18“ е одделен од земјата само 109 милиметри. Поседува 20-инчни тркала на предниот дел и 22-инчни тркала на задниот дел. Составен дел од тркалата се специјално развиените гуми „пирели П зеро корса“. Сѐ уште нема никакви детали за тоа колку ќе биде брз „ЦС18“, но со оглед на тоа што телото на автомобилот е изградено од јаглеродни влакна и други ултралесни материјали веројатно ќе биде навистина брз.