Поради оваа грешка на болницата во Котор двете семејства бараат милионска отштета

Со медицинска истрага едно семејство во приморски град во Црна Гора случајно открило дека пред 20 години нивното бебе е заменето во породилиштето во Општата болница во Котор.
По ова сознание, било откриено дека нивното дете расте во фамилија, која исто така живее на приморјето. Овој случај добил и судска разврска, а оваа информација била потврдена и во которската болница, пишува „Дан“.
Весникот, повикувајќи се на сериозни извори, објави дека бебињата што биле заменети се во фамилии од Будва и од Херцег Нови.

– Во тек е еден процес за предметот за утврдување на замената на бебињата во болницата во Котор. По налог од судот гарантирана е тајноста на податоците и не можеме да објавуваме какви било информации – е одговорот на директорот на которската болница Иван Илиќ, за весникот „Дан“.
Поради оваа грешка на болницата двете семејства бараат милионска отштета.
Пред еден месец црногорската јавност беше вознемирена со нов случај на замена на бебиња во породилиштето на Клиничкиот центар на Црна Гора. Но овој пропуст на медицинските лица брзо беше откриен.