„Дипломатската блокада“ на СП во Русија доби нови импулси во најавите од нови земји што наводно нема да испраќаат официјални лица во знак за поддршка на делумниот бојкот на Велика Британија. Досега нема најава за спортски бојкот од ниту една од 31-те земји што се квалификуваа на СП

Додека Русија ги привршува подготовките во пресрет на Светското првенство (СП) во фудбал во јуни и јули во 11 града, не запираат медиумските најави за закани со бојкот, но не спортски, туку политички, со тоа дека некои земји нема да испраќаат високи државни челници на отворањето на СП или на натпреварите на нивните репрезентации.

„Дипломатската блокада“ на СП во Русија доби нови импулси во најавите за нови земји што наводно нема да испраќаат официјални лица во знак за поддршка на делумниот бојкот на Велика Британија. Лондон минатата недела објави дека британските министри и членови на кралското семејство нема да патуваат во Русија на СП во знак на протест поради труењето на поранешниот агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија, во Англија. Тие го преживеале нападот со нервниот агенс, но и понатаму се во критична состојба. Британската премиерка Тереза Меј изјави дека нејзината влада открила оти Русија е „виновна“ за нападот, обвинување што Москва луто и енергично го негира.

Фудбалската асоцијација (ФА) на Англија нема ништо со политичките недоразбирања и очекува да ја испрати својата репрезентација на завршниот турнир на СП. Досега ниту една од 31-те земји што се квалификуваа за завршницата велат дека нема да го сторат тоа.

Од канцеларијата на полскиот претседател, Анджеј Дуда, стигна известување дека тој ќе ја прескокне церемонијата на отворањето на турнирот на 14 јуни во Москва.
– Претседателот одлучи да не учествува како претставник на Полска на Светското првенство во Русија – изјави шефот на кабинетот на претседателот, Кшиштоф Шкерски.

Исландската национална радиотелевизија РУВ соопшти дека Министерството за надворешни работи на таа земја се консултирало со своите „сојузници“ за заеднички дипломатски бојкот. РУВ соопшти дека тоа можеби се однесува на Шведска и на Данска, бидејќи и тие ќе играат во Русија.

– Исландската влада уште нема донесено никакви одлуки за евентуални мерки, но ќе продолжи да ги елаборира и да се консултира со своите најблиски соседи и сојузници – се вели во одделното соопштение на Министерството за надворешни работи.
Портпаролот на шведското министерство за надворешни работи, Пер Енеруд, во понеделникот за АФП изјави: „Ова е една од многуте идеи што ги разгледуваме“. Данскиот министер за надворешни работи, пак, исто така, за АФП изјави дека некаков бојкот бил предмет на расправа, но дека не е донесена конечна одлука.

Труењето на Скрипал, со отров специјално дизајниран за атентати, предизвика вистинска непријателска „војна на зборови“ помеѓу Москва и Лондон. САД им се приклучија на Германија и на Франција во искажувањето поддршка за позицијата на Велика Британија, обвинувајќи ја Русија за нападот врз Скрипал. Лондонски „Тајмс“ на 10 март објави дека официјалните претставници на Велика Британија разговарале со американските и со европските сојузници за координирана реакција што би можело да вклучи бојкот на СП.

Руските официјални претставници на извештаите дека повеќе земји ѝ се приклучиле на Британија реагираа со мешавина на гнев и сарказам.
– Можете само да жалите за претставниците на Исланд, тие би сакале да бидат со нивниот тим. Жално е Исланд да се искористува во информатичката и политичката војна против Русија – рече шефот на парламентарниот комитет за спорт, Михаил Дегјтарев.

Шефот на Организацискиот комитет на СП, Алексеј Сорокин, претходно изјави дека недоаѓањето на британските официјални претставници ќе нема „никакво влијание врз квалитетот на турнирот“. Л.Д.