Ние, учениците од скопското ООУ „Кузман Јосифовски–Питу“ сакаме да го пренесеме нашето искуство како дел од хорот на ова училиште, сите чувства, сите успеси и авантури поминати во текот на оваа учебна година.
Да се биде дел од овој хор е привилегија и чест поради безбројните успеси и најдобриот ментор – Верче Ангеловска.
Бевме пресреќни кога на социјалните мрежи ја прочитавме нејзината честитка до сите нас, хористите.

„Заедно ги градевме успехот и пријателството, во кои ниту една мисла нема да се загуби. Во тој свет на нашите мали тајни, на сѐ она кое знаевме несебично да го споделиме едни со други, светот на нашиот успех што ќе трае под ова наше заедничко небо. Честитки до хорот на ООУ „Кузман Јосифовски-Питу за освоеното прво место со 92 бода на Републичките хорски смотри“ – напиша Верче Ангеловска на 11 мај, непосредно по прогласувањето на победата.

Иако не е лесно како што изгледа да се биде првак, бидејќи бара многу посветеност, енергија, труд, многу искушенија и моменти на откажување, но сепак, поради добрата организација, трудот и желбата на сите нас, стигнавме до врвот.

Учебната година ја започнавме со настап на манифестацијата за пречек на годинашните првачиња. Потоа, ги започнавме подготовките за регионалниот и за државниот натпревар и ја изучивме химната на Холандија по повод прославата за роденденот на холандскиот крал. Покрај ова, настапивме на концертот на продукцијата „ОХО“ во МОБ – „Сонуваме – менуваме“, како и по повод одбележувањето на светскиот ден на лицата со попреченост на Филозофскиот факултет – отсек дефектологија, во емисијата „Ѕвон“ на МРТ и на натпреварот „Јас сум талент 2019“, користејќи го и знаковниот јазик.

За овие настапи голема поддршка и мотивација ни беа децата со оштетен говор и слух кои, исто така, беа дел од нас, заедно со нивната наставничка Викторија Смилевска, која неуморно се трудеше да ни помогне. Не беше лесно истовремено да се подготвуваме за повеќе настапи и да ги извршуваме училишните обврски, особено во периодот кога правевме многу писмени задачи, тестови и испрашувања, но сепак ја постигнавме посакуваната цел – освоивме две први места. Постојаните подготовки со хорот нè усовршија, но оправданиот притисокот од страна на наставниците и дополнителните активности по часовите на моменти нè обесхрабруваа. Тоа беше една психичка борба со самите себе, која некогаш нѐ мотивираше, но и демотивираше.
Сепак, чувството да се биде првак не може да се опише поради помешаните емоции: среќата, стресот и возбудата, но дружбата и сложноста помеѓу нас, учениците и наставниците, направија сето ова да изгледа полесно и поинтересно – вака како што е. Можеби изгледа како да е дојден крајот на овогодинешните успеси и настапи на хорот, но сепак има уште една манифестација со која ќе се финишира оваа учебна година, со проектот „МИМО“, каде што ќе настапи хорот заедно со уште едно македонско и две албански училишта.

Тајната на нашите успеси е мотото: Секогаш да верувате во себе и да не се откажувате од посакуваната цел.

Изработиле:Бисера Стојчевска, Елена Маказлиева, Матеа Трајковска и Симона Костадинова, членови на хорот на ООУ „Кузман Јосифовски-Питу“- Скопје