Имаме фер и праведно решение, а најсуштествена промена во Уставот предвидена во амандманот 32, е наместо Република Македонија, да стои Република Северна Македонија, освен во членот 36, кој има историски контекст, рече премиерот Зоран Заев на втората јавната дебата за нацрт-амандманите на Уставот, што вчера се одржа на универзитетот ФОН.

– Тоа е она што вгнездува непријатно чувство кај граѓаните на Македонија, но факт е дека во тој историски регион ние сме северниот дел, факт е дека немаме аспирации да ги анектираме Грција, Албанија, Бугарија или кој било од соседите. Единствената аспирација е да ги отвориме границите, да подадеме рака, а тоа ќе донесе и економска благосостојба и еден куп нови можности, и за сегашните, а пред сѐ за идните генерации. Притоа ни беше важно да се одблокира нашиот процес за ЕУ и за НАТО и проблемот со Грција да биде трајно решен. Затоа дојдовме до уставните промени – објасни Заев.

Тој посочи дека договорот со Грција овозможува почитување на правото на самоопределување и да се зборува на македонски јазик зашто, иако тој беше признаен во 1977 година, претставниците на меѓународната заедница постојано ги користеа фразите вашиот народ, вашиот јазик, наместо македонски народ или македонски јазик, најверојатно, како што рече, поради грчкото лобирање.

– Сето тоа беше понижување за нашата земја, а откако ќе го заокружиме процесот, ќе имаме земја, грутка наша, која ќе биде признаена од целиот свет, а Македонија ќе може да почне да се занимаа со животните прашања – истакна Заев.

Ректорот на Универзитетот, Нано Ружин, истакна дека со договорите со Бугарија од 1 август 2017 година и со Грција од 17 јуни годинава, се затвора македонското прашање, но само ако станеме членка во НАТО. Песимистичкото сценарио, според него, значи повторно актуализирање на македонското прашање, држава без име, со голем интерес на разни сили да го зголемат влијанието и своите интереси со потенцијал напнатостите да ги претворат во локални конфликти.

Универзитетскиот професор Темелко Ристовски истакна дека со четирите уставни амандмани на најдобар и најефикасен можен начин се имплементира спогодбата со Грција во Уставот. Тој, сепак, изнесе и забелешка на четвртиот амандман со предлог за бришење на точката 3 од овој амандман, „Републиката се грижи за припадниците на македонскиот народ кои живеат во странство“ бидејќи, според него, е дискриминирачка по однос на припадниците на другите етнички заедници со македонско државјанство, кои живеат во странство. Алтернатива, која ја смета за помалку прифатлива, е точката 3 да се прошири со додавање „и за припадниците на албанскиот, турскиот, српскиот, бошњачкиот народ и припадниците на други народи, кои имаат македонско државјанство“.

Вчерашната дебата на ФОН беше втора од предвидените пет за уставните измени. Првата дебата се одржа завчера во Владата, а денеска треба да се одржи во МАНУ. По пет дена Владата ќе треба да достави извештај од јавната расправа до Собранието, а потоа претседателот на Собранието Талат Џафери за 30 дена да закаже пленарна седница на која е потребно двотретинско мнозинство за финално усвојување на уставните измени.