Отсуството на лидерите на двете најголеми партии, премиерот Зоран Заев од СДСМ и Христијан Мицкоски, од завчерашната инаугурација на претседателот на државата Стево Пендаровски, вчера беше објаснето во јавноста.

Заев лично за дел од медиумите објасни дека единствената причина што не присуствувал на инаугурацијата е тоа што сакал да одмори.

– Имам право на одмор. И ми треба малку да се одморам. Никаква друга причина нема – изјави Заев.

Во текот на денот и од кабинетот на парламентарниот спикер Талат Џафери информираа дека Мицкоски, како и двајцата други кандидати на претседателските избори Гордана Сиљановска и Блерим Река, не биле поканети на инаугуративната седница затоа што „Собранието не кани лидери на политички партии што не се пратеници ниту, пак, противкандидати што ги изгубиле изборите“.