Задруга

Неверојатно, речиси нереално, но сепак реалити шоу, кое не пропуштам да го гледам секој ден. Ги надминува сите турски, шпански, колумбиски криминални или домашни, но забранети хумористични серијали, на кои се лепи „широкиот аудиториум“. А, широкиот аудиториум е сепак 80 отсто од секоја држава и на таа „сериозна“ бројка секоја редакција (држава) треба да ѝ посвети внимание и угоди. Учесниците на тоа реалити се избираат на тежок конкурс, во кој не може да учествува секој, особено ако е паметен или глуми паметен.

Вообичаено, тоа се карикатурални грди ликови, со простачко поведение, вулгарен говор и дијалект, идни ѕвезди на циркусот. Секој си зборува на свој јазик и свој дијалект, според грутката, нивата или шумата од каде што дошол во шоуто. А, за да настапуваш во шоуто, претходат детални подготовки, проверки за личноста што ќе остави силен впечаток за време на својот не толку евтин престој во шоуто, а истото тоа се спонзорира од домашни или странски спонзори. Кастингот или изборите (македонски – селекцијата) за учество на големата манифестација на простотија, некултура за моден и личен невкус, не се случајни иако на прв поглед изгледа дека тоа се случајни личности и сѐ што се случува е случајно и ненаместено или режирано. Многу ретко, кога ќе се случи некој да прозбори нешто умно или надвор од сценариото и режијата, оние другите учесници го исфрлаат од шоуто. Кога милом-кога силом. Кога нема тие да успеат со исфрлањето, а според пропозициите тоа мора да го направат самите учесници, бидејќи се добро платени од режијата и бодрени од илјадната публика, која со гласање (на македонски – воутинг) ги внесува или изнесува од шоуто, во случај на таква физичка или ментална попреченост, настапува обезбедувањето, тие се и физички и ментално способни и обучени за исфрлање на поединци или цела група од шоуто. И тоа непречено продолжува, на задоволство на (без)бројната публика (на македонски – аудиториум).

Искрено ви го препорачувам секојдневно да го гледате ова ТВ-шоу, со работен наслов „Задруга“ ако не разбирате доволно, иако има и превод. Но од гестикулациите, поведението и изгледот на учесниците и учесничките (а ги има и од „понежниот“ пол и тие искрено партиципираат) и да сте со просечна памет, како мене, сѐ ќе разберете. Современиот живот на современиот човек му носи современи тешкотии и стресови. Искрено ви препорачувам, наместо да се опуштите, или на македонски – релаксирате, со пцости и дијазепами, секојдневно гледајте „Задруга“. Не пропуштајте го овој канал, не занемарувајте го, тој е нашата канализација. И ако наутро се погледнете себеси во огледалото и сликата ви е грда, не е виновно огледалото. Немојте да го искршите, работете малку на себеси. Освен несериозни теми, теми за опуштање, животот се состои и од сериозни теми и денови, кои претстојат и на кои искрено се радувам на оваа вест и искрено очекувам дека ќе ги израдува сите, во предвечерието на Божиќ и Нова година: Дамаск конечно мириса на шам, канела и мед. Градот е преполн со слаткарници и производи на слаткарските вештини. Мајсторите неуморно ги мајсторисуваат типичните сириски слатки за претстојните празници, градот живее во мир. Според шпанските дописници од местото на настанот, градот конечно живее во мир, благодарение на усилијата на Сириската арапска армија и благодарната помош од Воените воздушни сили на Руската Федерација.

Во прилог на дописот има прекрасни фотографии на прекрасни слаткарници преполни со прекрасни слатки – шербетлии, локуми, кадаиф, гурабии и слични лакомства што може да се видат, а особено и да се јадат во време на празници и тука. Шпанските новинари тврдат: „Русија донесе мир во Дамаск“. А, знаете ли кој е Дамаск – тоа е најстарата престолнина на светот! Стара над 4.000 години. Дамаск на арамејски значи „живеалиште“. Да ве потсетам, на арамејски со мајка му Дева Марија зборувал и Тој (Исус Христос) чиј роденден деновиве ќе прославува една третина од планетата, но, и Дамаск, кој има 2 околу милиони жители. Точната бројка на жители, како и во РМ, не се знае, бидејќи последниот попис е правен во 2011 година и поради седумгодишната војна не е правен нов. Градот е со многу шарена вероисповед. Околу 75 отсто од населението исповеда сунитски ислам, други 6 отсто исповедаат алавитски ислам, додека други 4 отсто се шиити. Нешто повеќе од 15 отсто се христијани, Сириската православна црква и Римокатоличката црква. Тоа е втор по големина град во Сирија, по Алепо. Тоа е културна и религиозна престолнина на Левант (фр. Солеј е левант – изгрев на сонцето, или на традиционалниот руски – Блиски исток).

Првиот христијански посетител на Дамаск, во првиот век, бил апостол Павле. Дамаск бил дел од Асирското Царство, неверојатната држава што го зафаќала Меѓуречието (гр. Месопотами-ја), територија на денешен Ирак и Сирија. Од Асирците, Старите Грци го препишале својот алфабет, а св. Кирил од Грците ја допишал и преобразил, со додавање на Ш-а и Ч-а од еврејското писмо, во полза на Славјаните. Глаголицата, која подоцна неговиот брат св.Методиј, во чест на својот брат – творецот, ќе ја нарече кирилица, бидејќи неговиот брат Константин, 40 дена пред прераната смрт, ќе се замонаши во Рим и ќе го замени своето крштелно име Константин, со монашкото име Кирил, кое го славиме до денес. Браќата по корен биле Византијци, но полиглоти, зборувале течно и грчки и словенски, што било секојдневие во Солун. Таквото позајмување и препишување култура и писменост, во светот наречено и почитувано како „културно наследство“, до денес не им е простена на светите браќа Кирил и Методиј и нив веднаш и засекогаш им е направена – анатема.

Анатема на грчки значи отфрлање од црквата поради тешки верски или дисциплински грешки. Анатемата – отфрлањето во црквата и христијанството -била најтешката казна во институцијата (црквата) за нејзините противници, еретици, владетели, духовници, грешници и други. Анатемисаните противници на црквата се поставени надвор од црковните закони (гр. канони) и право, поради што грешните подлежат на различни дејства и казни. За време на големата схизма (гр. раскол) помеѓу двете цркви, Римската курија и Цариградската патријаршија, тие заемно си се ставаат под анатема. (Види им го паметот: слават и се молат на еден Господ, ама сакаат касата од свеќите и донациите пред иконите, да бидат на едно место.) Затоа не гледам ништо чудно што Грција цели 2.300 години не може да му го прости одродувањето на Александар во Македонец, наместо Грк, и настојчиво му дава грчко, а не македонско државјанство. А приказната повеќе да им горчи на Грците, сите до еден, од Р Македонија се пишуваат себеси за Македонци, антички, додуша и до гуша. Цели 1.200 години Грците не можат да им го простат на светите браќа препишувањето на Библијата (гр. Кинигата) на словенски јазик, со кој се користат жителите на Солун (Тесалоники) во тоа време и безмалку половина Европа денес. Но, ете, немаат кутрите просветители наследник што во нивно име може да потпише прошка во вид на Преспански договор за трајно помирување на прогонувачите и прогонетите од „Вистинската Македонија“ во измислената Република Македонија. Прогонетите, за разлика од нивните претходници св. Кирил и Методиј, добија прошка чекајќи само 70 години. Нивната анатема беше – љубов кон комунизмот и словенското писмо и говор, како и северните браќа, кои им дадоа закрила и дом. Сега сите заедно се северни и среќни.

А Европа сака благосостојба и мир и градовите да мирисаат на канела и мед во деновите на Христовото рождество. Со Христовото рождество ќе се роди и нова држава. Затоа, најискрено, ви препорачувам за време на постите, уживајте во веселото шоу „Задруга“. Цел свет е „Задруга“, зошто и ние да не сме дел од светот.