Треба да продолжиме да се фокусираме на заштита на другите 80 суматриски носорози, со надзор, трансфер во резервати, соработка со локалното население. Ова е битка што не смееме да ја загубиме, вели Маргарет Кенард, од „Ворл вајлд интернешнл“

Една женка во Малезија и околу 80 во Индонезија се останати од видот суматриски носорог. Починувањето на триесетгодишниот носорог Кретам, кого нагалено го викаа Там, зададе силен удар врз овој вид.

Там е пронајден на плантажа со палми во 2008 година и префрлен е во резерватот „Табин Вајлдлајф“ во Сабах. Направени се секакви напори да се размножи неговиот вид со две женки носорози, Иман и Пантунд, но, за жал, неуспешно.
Пантунд заболе од рак во 2017 година и почина, а Иман е единствената женка носорог во Малезија што го одржува во живот видот.

Поради децениското губење на живеалиштата и заловувањето од страна на луѓето, се верува дека помалку од 80 суматриски носорози живеат во дивината во Индонезија, а повеќето од нив се населени во близината на островот Суматра. Другите во значително помал број се движат во Калимантан, индонезискиот Борнео.

Суматриските носорози ги има навистина во мал број и се верува дека единствено со изолација и со згрижување во резервати може да им се продолжи видот и животот. Причината е фактот што женките можат да ја загубат можноста за репродукција доколку подолго време не се парат. Таков е случајот со Иман. Додека неплодноста на Пантунд е поради повредите што ги добила од стапиците на ловокрадците.
Затоа, во 2018 година, водечките светски конзерваторски непрофитни организации, вклучувајќи го и Националното географско општество, го најавија проектот „Суматран рино рескју“, односно „Спас за суматриските носорози“.

– Смртта на Там само нагласува колку е важно да се работи на спас на суматриските носорози. Мораме да ги фатиме оние преостанати единки во Калимантан и Суматра и да се потрудиме да ги поттикнеме да создаваат бебиња – изјави Маргарет Кенард, од „Ворл вајлд интернешнл“.
Инаку, кондицијата на Там постепено се намалуваше од април, заедно со апетитот и подвижноста. Тестовите од урината покажале дека бубрезите на носорогот, а и другите органи почнале да не му работат.
Надлежните сѐ уште не можат да кажат зошто состојбата на Там се влошила толку брзо, но едноставно сметаат дека сето тоа можеби се должи и на староста. Се проценува дека Там бил во триесеттите години, а овие животни имаат животен век од 35 до 40 години.

– Имавме толку многу надеж дека со Там ќе создадеме потомство во заробеништво, но, за жал, женките не беа во можност да носат фетуси. Како и да е, благодарение на него научивме многу за неговиот вид. Во Борнео се обидуваат со напредни технологии да го зачуваат видот. Сакаме јавноста да знае колку е скапоцен опстанокот на носорогот – вели Сузи Елис, извршна директорка на „Интернешнл рино фондејшн“.
Трагичната смрт на Там ги поттикна стручњаците да бараат повеќе единки во дивината. Добрата вест е што минатата година е заловена женката Паху. Според експертите ,таа е здрава, одлично напредува во својот нов дом, а вработените се надеваат дека наскоро ќе добие и друштво.

– Нашите најнови истражувања покажуваат дека има и други носорози што сѐ движат низ шумите во Калимантан, а тоа ни дава надеж. Треба да продолжиме да се фокусираме на заштита на другите 80 суматриски носорози, со надзор, заштита, трансфер во резервати, соработка со локалното население. Ова е битка што не смееме да ја изгубиме – вели Кенард.

Суматрискиот носорог, најмалиот вид носорог, беше прогласен за исчезнат во дивината во Малезија во 2015 година. Главни причини за изумирањето на овој вид се изолацијата, спреченоста да се размножуваат и ловокрадството, па тој може и да изумре за неколку децении, тврди Меѓународната фондација за заштита на носорози.
Генетскиот материјал на Там е зачуван заради натамошни обиди за размножување преку вештачко оплодување.