Зависни од мрежа

Колку што предноста од новите технологии станува потреба толку и штетноста од нејзиното прекумерно и бесполезно користење е огромна, не само од психолошки аспект. Да се надеваме дека медицината, науката и самото општество ќе успеат да најдат начин паметните телефони да ги стават во функција на луѓето, а не обратно. И да не заборавиме вистински да живееме денес, сега, во моментот, наместо да бегаме и да се криеме во некаков виртуелен и замислен свет

Речиси 94 проценти од Македонците секојдневно висат на Фејсбук, и тоа претежно од своите мобилни телефони, со што сме прваци во Европа. И да, добро во нешто да се биде прв, но не баш во оваа „дисциплина“. Каде и да се завртите гледате луѓе со наведнати глави. Никој не го забележува убавото есенско сонце, никој не ужива во околното зеленило, никој со никого не разговара. Сите со наведнати глави во своите мобилни телефони, будно следат кој што објавил и напишал на социјалните мрежи. Се муртат или се смеат сами со себе, гледајќи во екранот. Кафулињата преполни со луѓе, но внатре владее тишина. Повторно наведнати глави кон телефоните, благи насмевки во зависност од тоа со што пишуваат или што читаат…

На семафори и покрај вклучено зелено светло, возилата свират. Првиот во редот, заборавил дека е на семафор, пишува на Фејсбук. Дури и пешаците сѐ помалку внимаваат на сообраќајот околу себе, бидејќи не го двојат погледот од телефоните. Жално е во какво општество се претворивме. Децата, пак, и кога се надвор, исто како да не се. Седнати на клупи, сите со своите телефони објавуваат видеа во живо, се фотографираат и коментираат, и тоа не само на Фејсбук, туку и на Инстаграм и Твитер. На училиште одат со своите мобилни телефони, каде што, наместо да внимаваат на наставата, тие следат кој соученик што напишал. Станавме општество зависно од социјални мрежи. Младите денес на улиците не можеш ниту да ги прашаш нешто. Со слушалките на уши, занесени во телефоните и музиката што ја слушаат, самите си се потенцијална опасност. Улица преминуваат без да погледнат, но и да погледнат, не слушаат од занесеноста и слушалките. Со тоа си го загрозуваат сопствениот живот. Во автобусите речиси сите се со слушалки на уши. Во возилата исто така. Па, затоа имаме и голем процент сообраќајни незгоди поради невнимание. Едноставно, и да им алармира некој, тие нема да го слушнат.

Современиот начин на живеење, новото време и пред сѐ социјалните мрежи предизвикаа зависност, која многу тешко се лекува. Луѓето се отуѓени едни од други, нема жива комуникација. Како да се излечиме од самотијата во која влеговме? Луѓето сѐ поретко го напуштаат комодитетот што им владее дома. Онлајн-купувања, онлајн-дружења, онлајн-филмови, онлајн-музика… луѓето изгубија интерес за сѐ. На работните места иста слика. Наместо да се работи, се седи на Фејсбук. Нагло опаѓа продуктивноста, фирмите трпат загуби, а со самото тоа загубите паѓаат повторно на плеќите на вработените.

Каде ни е границата?
Психолозите велат дека децата што ги користат своите паметни телефони три часа дневно значително се поподложни на самоубиствени намери. Во САД, на пример, стапката на самоубиства се искачила над општата стапка на самоубиства, при што како главни виновници се посочуваат телефоните. Докторската фела исто така вели дека паметните телефони се и ризик за можно развивање депресија кај децата. Според истражувањата, кај децата од осмо одделение што користат паметни телефони и социјални мрежи има за 27 проценти поголем ризик да развијат депресија. Станавме зависници од социјални мрежи, и тоа на рамниште на наркозависници. Не толку одамна во Кина или во Јапонија дури имаше и центар за рехабилитација на деца зависници од компјутери. Зарем дотаму дојдовме?

Можеби најдобар показател за сите ризици од користењето на модерната мобилна технологија, во која најмногу се користат социјалните мрежи, е и фактот што Бил Гејтс, поранешниот главен извршен директор на „Мајкрософт“, на својата ќерка ѝ го ограничил времето на користење на компјутерот откако таа почнала да покажува голема поврзаност со компјутерот. Тој на своите деца исто така не им дал да користат мобилен телефон до нивната 14-та година.

Слично беше и со сега веќе починатиот Стив Џобс, кој во едно интервју откри дека на своите деца им забранувал користење на тогаш актуелниот „ајпод“, но не само тоа туку и другите технологии им ги ограничувал на децата.

Препораки доаѓаат од сите страни. Колку што предноста од новите технологии станува потреба толку и штетноста од нејзиното прекумерно и бесполезно користење е огромна, не само од психолошки аспект. Да се надеваме дека медицината, науката и самото општество ќе успеат да најдат начин паметните телефони да ги стават во функција на луѓето, а не обратно.

Да не заборавиме да живееме денес, сега, во моментот. Пешачењето, смеењето и реалното дружење може многу позитивно да влијаат на нашите животи.
И не заборавајте, ние сме им пример на децата. Тие учат од нас. Оставете ги телефоните и социјалните мрежи. Посветете му време на семејството, на квалитетно поминато време со него. Животот брзо ќе помине и нема да имате ниту еден реален спомен, освен оние виртуелните, на кои никој ниту ќе се сеќава ниту, пак, ќе му биде грижа.

Фото: Маја Јаневска-Илиева