Политичарките во Босна и Херцеговина се редок исклучок, а во телата на извршната власт само единаесет отсто се припаднички од понежниот пол

Со децении на политичката сцена во Босна и Херцеговина доминираат мажите, но предизборната кампања за општите избори во земјата најавува мало освежување. Во извештаите на медиумите во БиХ се споменуваат имиња на неколку политичарки како можни кандидатки за најважните функции во извршната власт во земјата. Меѓу позвучните имиња се споменуваат Себија Изетбеговиќ, сопругата на актуелниот член на Претседателството на БиХ Бакир Изетбеговиќ, како предлог на партијата за демократска акција (СДА), потоа Адиса Араповиќ, кандидатка на Сојузот за подобра иднина, кои претендираат за место во Претседателството на БиХ. За учество во овој изборен натпревар има најава и од младата хармоникашка Љубинка Кулишиќ.

Ваков голем интерес за занимавањето со политика од страна на жените не бил забележан во поновата историја, па затоа се поставуваат прашањата дали жените стануваат сѐ похрабри за сериозен политички ангажман и дали босанскохерцеговското општество направило вистински исчекор кон родовата рамноправност.
Пратеничката од Демократскиот фронт Маја Гасал Вражалица во изјава за Радио Слободна Европа ја поставува дилемата дали Бакир Изетбеговиќ би предложил жена за значајна функција, доколку таа не му е и законска сопруга.
– Всушност Сабија доаѓа до израз само благодарение на тоа што има венчален лист со сегашниот член на Претседателството и лидерот на најголемата бошњачка партија. Може да бидат и жени-кандидати од други партии, но само кога машкиот лидер на таа партија сфатил дека неговиот машки кандидат нема да биде избран од граѓаните. Тогаш ќе се најде жена што ќе се жртвува. Значи дали жените се тука за да ја понесат жртвата или затоа што се подобни личности – вели пратеничката.

Сличен став има и нејзината колешка Александра Пандуревиќ, која напоменува дека многу жени во политиката има во ентитетот Република Српска и дека жена е на чело на Владата на РС.
– Тука не станува збор за промена на односот на општеството кон жената. Жените се тука каде што се во политиката затоа што му се лојални на водачот и се беспрекорно послушни. Не мислам дека има некој демократски напредок и еманципирање на јавноста. Пред сѐ, станува збор за перцепција кон тие жени дека му се лојални на некој маж – вели Александра Пандуревиќ, за Радио Слободна Европа.
Џелана Алаџус, од невладината организација „Инфохаус“ вели дека има и позитивни примери на жени што се избрани на некои функции исклучиво врз основа на работата. Како пример го наведува името на Амра Бабиќ, која граѓаните на Високо ја избраа за градоначалничка.
– Таа во својот прв мандат беше кандидатка на СДА, но кога не сакаше да се приклони кон нивниот начин на размислување, пред вториот мандат стана независна кандидатка и победи сама, со жените од својот тим. Жената може да биде силна, само прашање е дали сака тоа да биде – вели Алаџус.

Во осумдесеттите години од минатиот век во БиХ во власта имало 25 отсто жени, а во 2018 година има само единаесет отсто. За прашањето на родовата рамноправност малку од партиите посветуваат внимание, а единствено е важно да се пополни бројот на кандидатките што е определен со законските прописи.
Маида Загорац од невладината организација „Сараевски невладин центар“ вели дека во органите на власта има околу 20 отсто жени, што не претставува адекватна слика на популацијата во БиХ.