Е, баш се мрчатори овие од ГРЕКО!

Што им треба сега да отвораат дебата во општеството за секакви прашања, кога некои веќе со денови ја заморуваат јавноста со калкулации за сите можни и невозможни ефекти од владината мерка за поврат на дел од ДДВ за граѓаните, ги критикуваат новите кадровски решенија во Владата, а згора на тоа и амбасадорите на земјите-членки на ЕУ од ништо непредизвикани, еден по еден се излетуваат и јавно ѝ замеруваат на Владата поради несработените домашни задачи добиени од Брисел

Што беа овие констатации содржани во последниот извештај на Групата на држави против корупција (ГРЕКО), која ја следи усогласеноста на 49-те земји-членки со антикорупциските инструменти на Советот на Европа, а за кој на Владата ѝ беа потребни дури три месеци да го објави? „Дискутабилната антикорупциска рамка“, но и многу други слични нешта се предмет на извештајот од таканаречениот петти круг на евалуација, која започна на први јануари 2017 година. Тоа значи дека станува збор за (не)дела на актуелната влада, која по сѐ изгледа не успеала да се ослободи од лошото генетско наследство на своите претходници.
Имено, во извештајот се вели дека земјава успеала да воспостави доста широка политичка и институционална рамка за спречување и борба против корупцијата со Државната програма за репресија на корупцијата и намалување на судирот на интереси за 2016-2019 година, но и оти „целокупната сила на антикорупциската рамка е дискутабилна, бидејќи спроведувањето различни политики и закони е слабо и селективно во практиката“.

На хартија, како што се додава, е воспоставена доста широка политичка, правна и институционална рамка за спречување и борба против корупцијата, но сепак спроведувањето на тие политики и закони е слабо и селективно и честите законски измени создадоа општа непредвидлива средина и дозволија корумпирани јавни службеници да дејствуваат неказнето. Освен тоа, се наведува и дека системот на кривична правда не е успешен во борбата против корупцијата и дека не се гонат систематски случаи од висок профил или политички чувствителни случаи.

Сѐ некакви мрчатори! Секој ден сѐ побројни и погласни. Како да земаат замав со своите критики, растерувајќи ги и најупорните додворувачи што до скоро со своите ласкави критики ја воздигнуваа власта високо кон облаците, свесно ризикувајќи притоа не само да се воспостави континуитет со поранешниот „режим“ туку и нејзиното приземјување да биде мошне болно и трауматично

Поради сето ГРЕКО го поставува и прашањето дали судството во земјата може да почне да функционира независно и непристрасно, а го проблематизира и капацитетот на јавниот сектор за спречување корупција. За организацијата проблематично е и широкораспространетото политичко мешање во работата и во именувањата во јавната администрација, при што, како што се истакнува, често доминираат етнички елементи. Ниту непотизмот и судирот на интереси не се соодветно третирани од страна на надлежните институции, заклучиле од ГРЕКО, од каде што и медиумите ги сметаат за неслободни. Има уште и забелешки во однос на правилата за интегритет при назначувањето на советниците во Владата, политизацијата на полицијата… сѐ на сѐ, вкупно 23 препораки што треба да се имплементираат до 30 септември 2020 година. Е, баш се мрчатори овие од ГРЕКО!

Што им треба сега да отвораат дебата во општеството за секакви прашања, кога некои веќе со денови ја заморуваат јавноста со калкулации за сите можни и невозможни ефекти од владината мерка за поврат на дел од ДДВ за граѓаните, ги критикуваат новите кадровски решенија во Владата, а згора на тоа и амбасадорите на земјите-членки на ЕУ од ништо непредизвикани, еден по еден се излетуваат и јавно ѝ замеруваат на Владата поради несработените домашни задачи добиени од Брисел. Сѐ некакви мрчатори!

Секој ден сѐ побројни и погласни. Како да земаат замав со своите критики растерувајќи ги и најупорните додворувачи, кои до скоро со своите ласкави критики ја воздигнуваа власта високо кон облаците, свесно ризикувајќи притоа не само да се воспостави континуитет со поранешниот „режим“ туку и нејзиното приземјување да биде мошне болно и трауматично.

[email protected]