Клем Рајан

ЕУ сака преку мировен фонд од 10,5 милијарди евра да им испорачува оружје на партнерски земји и на тој начин да ги зголеми влијанието и безбедноста. Но со истото оружје често се извршуваат воени злосторства

Во 2013 година работев во мировната мисија на ОН во Јужен Судан (УНМИСС), како шеф на единицата за мало и лесно оружје. Едно попладне бев повикан од офицери на армијата да го посетам нивното складиште за оружје во близината на главната касарна во Џуба. Во него имаше оружје од Германија, Белгија, Унгарија, Етиопија, Кина, Израел и од бившиот СССР. Многу од оружјата беа стари со децении. Неколку недели по посетата, во декември 2013 година, офицери по наредба на властите, го зеле оружјето од складиштето и им го предале на паравојските, кои потоа убиле илјадници лица во етнички мотивирани масакри.

Подоцна го напуштив УНМИСС за да се приклучам кон Панелот на експерти на Советот за безбедност на ОН за истражување и следење на употребата на овие оружја во петгодишната граѓанска војна, што следуваше по масакрите во Џуба. Многу од оружјата со кои се извршени злосторствата не му биле продадени директно на Јужен Судан, туку на соседните држави, како Уганда. Кога ги контактиравме земјите што го испорачале оружјето, нивниот одговор беше ист: оружјето било продадено за да се подобри безбедноста, а не за да се извршат етнички насилства или, пак, тоа едноставно било превидено.

Со други зборови, продажбата на оружје на Уганда била извршена за да се поддржи еден сигурен партнер и да се поттикне неговата соработка во регионалните прашања, како што е борбата против тероризмот во Сомалија. Уганда, пак, го употреби оружјето за да ги оствари своите стратегии во регионалните конфликти, но не признава дека токму тоа оружје е искористено во злосторствата во Јужен Судан.
На овие искуства се присетив неодамна кога слушнав дека ЕУ развива Европски мировен механизам (ЕПФ), кој вклучува компонента за обука и вооружување на армии на неразвиени држави. Тоа ќе биде нов терен за ЕУ, бидејќи нејзините актуелни инструменти забрануваат директна испорака на смртоносна опрема на странски владини партнери. Изразената цел на ЕПФ би била проширување на можностите на ЕУ за поддршка на кревките држави и продлабочување на одбранбената соработка и влијание во безбедносниот сектор на овие земји.

Европскиот парламент засега нема формален надзор над одлуките донесени во рамките на ЕПФ. Наместо тоа, надзорот за влијанието и ефикасноста на ЕПФ останува во рацете на националните парламенти. Ова би создало понатамошна поделба помеѓу донаторите и корисниците на оружјето, со што уште повеќе ќе се избегнува одговорноста. Јужен Судан илустрира неколку важни размислувања за ЕУ, додека решава да тргне по овој пат.
Прво, оружјето, особено малото оружје, потенцијално има долг животен век. Тоа може и често и се користи многу години подоцна и во многу различни контексти од оние што првично биле предвидени. Ова создава фундаментална тешкотија во проценувањето и управувањето со ризикот при обезбедување смртоносна опрема, особено во средини што се кревки и непредвидливи.

Второ, испораката на оружје на силите на кревките земји сигурно нема да доведе до поголемо влијание и способност да се утврди како и кога оружјето се користи. Уганда одамна е воен партнер на западните земји и главен примач на поддршка во одбраната. Сепак, Уганда, исто така, постојано го пренасочува оружјето во конфликти, што е целосно спротивно на западните напори за ограничување на насилствата во Јужен Судан. Влијанието и партнерството што западните донатори ги бараа во Уганда преку обезбедување оружје и друга воена опрема остануваат несигурни и најчесто илузорни.

Идејата дека ЕУ може да развие ефективно влијание преку обезбедување оружје дополнително се поткопува кога се знае дека Русија, Кина, Иран и други земји го користат оружјето на истиот начин. Постои голем ризик дека наместо да создаде влијание, ЕУ ќе биде вовлечена во натпревар со ривалите што постојано ќе се обидуваат да ги попречат програмите на ЕУ преку обезбедување поатрактивни договори за оружје. Јужен Судан маестрално игра со разни донатори во потрага по договори со малку ефективни ограничувања. Конечно, голема е веројатноста дека дури и да има разни стратегии за попречување, одредено оружје испорачано во кревките земји ќе биде искористено за да се извршат злосторства.

Израел беше засрамен кога новото оружје испорачано на силите на Јужен Судан во ноември 2013 година, само еден подоцна беше искористено за масакр на цивили. Кога се извршуваат злосторства, постои заеднички инстинктивен одговор да се избегне одговорноста. Ако оружјето финансирано од ЕУ е искористено спротивно од првичната намена, шансите за прикривање или за избегнување на одговорноста се многу големи.
Какви и да се мотивите за ЕПФ, преголем е ризикот овој фонд од 10,5 милијарди евра да предизвика големи штети врз угледот и принципите на ЕУ. Земјите-членки на ЕУ внимателно треба да размислат дали е паметно да продолжат по овој пат зашто одлуката може да им се врати како бумеранг.

Авторот е бивш член на мировната мисија и на Панелот на експерти на ОН за Јужен Судан