Фото: Игор Бансколиев

Иако нашите соседи декларативно се изјаснуваат за добрососедство и градење мерки на доверба, длабоко се забетонирани во своите иредентистички ровови. Тие можеби прават дипломатско-еквилибристички потези што се однесуваат на формата (преговори, разговори, па дури и договори, како со Бугарија), но не прават суштински чекори во насока на добрососедските односи и признавањето на друг, посебен народ, како што е македонскиот, што е основа понатаму националните држави да се договараат за добрососедска политика на соработка, па дури потоа на некакви форми на интеграција

Шефот на дипломатијата на Србија, Ивица Дачиќ, пред неколку дена на српска национална телевизија покажал карта на која Македонија е обоена со иста боја како и Србија. Од некој што е носител на една од највисоките државни функции, чиј делокруг на работење се токму меѓународните односи и кој настапува во такво својство, ова не само што претставува дипломатски преседан пар екселанс, туку е и кршење на нормите на меѓународното право и изразување територијални претензии на една држава кон соседна. Уште повеќе што со ваквиот потег флагрантно се имплицира непостоење на нашата држава, територијален интегритет и сувереност и, над сѐ, непостоењето на македонскиот народ. Катастрофална е неговата изјава во емисијата кога кажа дека било голема грешка што неговата земја не ја задржала оваа територија. – Никола Пашиќ и Александар Караѓорѓевиќ плукнаа на ова. Го искинаа и рекоа „не“. Ние сакаме Југославија со нашите браќа Хрвати и Словенци. Тие сакаа Југославија само за да спасат некоја нивна територија, која требаше да падне под српска контрола – рече Дачиќ.

Според него, она што прави разлика помеѓу Србија и територијата на Македонија (?!)е тоа што Македонија е исцртана со иста боја како Србија, што имплицира на тоа дека на оваа територија живеел српски народ, според таа мапа. Значи „територијата на Македонија“, како што вели, е крајно дрска шовинистичка флоскула. Тој не спoменува ниту посебна држава Македонија, меѓународноправно признаена и од Владата каде што тој е министер. Тој не споменува ниту македонски народ, ниту пак други етнички ентитети, освен српскиот, кои живеат во своја држава. Дачиќ инаку е познат по неговите радикални изјави, кои имплицираат одредени големотериторијални претензии, а неодамна најави и дека Србија ќе го повлече признавањето на уставното име на Македонија.

И косовскиот премиер Хашим Тачи пред неколку дена во сличен стил изјави дека најлесно и најдобро би било ако Албанците на Балканот живеат во една држава. И тој, во својство на највисок државен функционер без и малку дипломатски такт, повторно ги покажа своите и владините територијални аспирации кон територии што им припаѓаат на соседни држави. И во 2012 година тој даваше слични изјави, кои им ги кажувал и на европските дипломати, а Европа не реагираше на таквите изјави. Меѓународното право и дипломатија станаа предмет на игноранција, па дури и потсмев од страна на ваквите квазиполитичари.

Во последно време зачестени изјави на политичари од регионот за територијални претензии кон Македонија
Фото: Игор Бансколиев

Таквите „државни функционери“ со своите изјави го девастираа меѓународниот поредок и право, а со поддршка на некои од големите светски сили, внесуваат нова несигурност во меѓународните односи. И нашиот јужен сосед не е воопшто далеку од овие констатации. Со најновите и последните барања, подобро речено уцени и зголемени апетити од страна на Грција поврзани со наметнатиот спор за името, одат исто така во насока на негирање на македонскиот народ и држава. Не се прифаќа ништо што ги содржи зборовите „Македонија“ и „македонско“. Последниве неколку примера уште еднаш најилустративно покажаа дека соништата за големи држави на Балканот не само што не се отсонувани и не се фрлени во заборав туку одвреме-навреме ваквите сценарија и големотериторијалните аспирации се повампируваат и политички се потхрануваат од разни центри на влијание.

Но што се однесува до Македонија, ваквите со умисла сторени тенденции имаат уште една потешка и квалификувана намера, чие сечило е насочено кон срцевината на нашиот национален супстрат, односно кон негирање на самиот македонски народ. Во сите вакви мрачни апокалиптични сценарија не само што е вклучена и Република Македонија, на која не само што не ѝ се признава нејзиното вековно и уставно име, туку се негира и постоењето на нашиот македонски народ. Еве уште еден најсликовит свеж пример за потврда на оваа теза. Имено, во договорот за добрососедство со Бугарија, на пример, никаде не е споменат македонскиот народ, освен што во него општо пишува за добрососедството (?!).

Сите овие негативни примери за нас како држава се показател дека иако државите на Балканот зборуваат за добрососедство, наводно градење мерки на доверба, длабоко се закопани во своите ровови и не мрднале од мртва точка. Тие можеби прават еквилибристички потези што се однесуваат на формата (преговори, разговори, па дури и склучување договори, како со Бугарија), но не прават суштински чекори во насока на добрососедските односи и признавањето на друг, посебен народ, како што е македонскиот, што е основа понатаму националните држави да се договараат за добрососедска политика на соработка, па понатаму евентуално и на некакви форми на интеграција. Од една ваква ретроградна политика и идеологија на другите може да се заштитиме само доколку останеме цврсто и непоколебливо во одбрана на националните интереси, посебноста на македонскиот народ и држава и истовремено бараме признавање и заштита на правата на Македонците и надвор од границите на државата. Во таа насока, какви било идни договори за добрососедство со Грција, Србија и други држави или учество на Македонија во различни сојузи (НАТО ЕУ и слично) мора да вклучат признавање на македонскиот народ и признавање на македонското малцинство во другите држави. Тоа е минимумот без кој не се може и за што не смее да има отстапки.