Во предлог-декларацијата се наведува дека ЕУ и Британија сакаат да го задржат безвизниот режим по брегзит

Преговарачките тимови на Брисел и на Лондон постигнаа договор за политичката предлог-декларација, за идните односи меѓу ЕУ и Британија по брегзит

Европската Унија и Британија постигнаа договор за политичката предлог-декларација за идните односи меѓу двете страни по излегувањето на земјата од Унијата. Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, потврди дека преговарачките тимови на Брисел и на Лондон успеале да се договорот за политичката декларација за брегзит.
– Штотуку им ја испратив политичката предлог-декларација на ЕУ 27 за идните односи меѓу ЕУ и Британија. Претседателот на Европската комисија ме информира дека декларацијата е договорена од страна на преговарачите и принципиелно на политичко ниво треба да ја одобрат лидерите на ЕУ – истакна Туск.

Претходно, официјален претставник на Унијата изјави дека меѓу двете страни сѐ уште има разлики во врска со Гибралтар, но изрази надеж дека, сепак, документот ќе биде финализиран навреме, за да биде разгледан на самитот на ЕУ в недела, кој првенствено ќе биде посветен на предлог-договорот за брегзит постигнат минатата среда. Договорот за брегзит веќе го одобри британската влада, а сега останува тој да биде поддржан уште од парламентот во Лондон и од земјите-членки на ЕУ.

Во политичката предлог-декларација за идните односи, која ќе биде анекс на Договорот за брегзит, се наведува дека ЕУ и Британија сакаат да го задржат безвизниот режим по брегзит, додека за подолготраен престој се предвидува воведување дополнителни процедури за регулирање на статусот на овие лица.

Во декларацијата, која е на 31 страница, се нагласува и намерата на двете страни за продолжување на блиската соработка во разузнавачкиот сектор, борбата против сајбер-заканите и истражувањето на криминалните активности. Со документот се регулира и начинот за надминување на можните спорови во билатералните односи, продолжувањето на преодниот рок по брегзит и обврските на Британија кон буџетот на ЕУ.