Во куќата на Стево Степановски се изложени околу 120 предмети

Иако денес во селото Бабино има само тројца постојани жители, сепак, со помош на вредните раце и инвентивноста на Стево Степановски и неговите претходници, во неговата куќа на едно место е зачувано целокупното етнолошко богатство на демирхисарскиот крај. Во куќата во една соба се сместени околу 120 предмети што ги употребувале жителите од овој крај низ вековите, а во етно-збирката се вложени повеќе години макотрпна работа, за таа да го добие денешниот изглед.
– Покрај другите вредни дела и реликвии што ги поседуваме во нашиот дом, посебно богатство ни претставува етно-собата. Овие предмети, впрочем, го отсликуваат демирхисарскиот крај со целата негова естетска и музејска вредност.

Повеќето предмети се стари над 100 години, некои од нив и по 200-300 години, а има и раритети како што е една бакарна тепсија стара 500 години. Во минатото секоја куќа со сите предмети што ги поседувала во домаќинството претставувала посебна етно-колекција, но бидејќи нашето село стануваше сѐ попразно и попразно затоа и ја создадовме етно-собата. Дека оваа етно-збирка е исклучително интересна говори и фактот што истата таа е посетена од туристи и од новинари од триесетина земји од сите континенти. Бабино е мало село, но ова етно-богатство ги надраснува границите на селото, на регионот и на Македонија. Збирката не е конечна, очекуваме низ годините да биде збогатена со нови предмети, кои му служеле на ова население во минатото – истакна Стево Степановски, кој најави дека по скорешното пензионирање, во најголем дел времето ќе го поминува во родното село и уште повеќе ќе им се посвети на своите колекции.