Германија досега била домаќин на едно ЕП и две СП, а Турција досега не била организатор на светски или континентален фудбалски собир

Германскиот фудбалски сојуз (ДФБ) и Фудбалската федерација на Турција (ТФФ) официјално поднесоа кандидатури до Европската фудбалска унија (УЕФА) за организација на 17. Европското првенство (ЕП) во 2024 година.
Во следните недели УЕФА ќе почне со разгледување на понудите на заинтересираните земји и до септември годинава ќе подготви и ќе објави писмен извештај за секоја понуда. Извршниот комитет (ИК) на УЕФА, на 27 септември, на состанокот во Нион, ќе одлучи кој ќе биде организатор на ЕП 2024.

ЕП 2024 се враќа на стариот формат, со една земја домаќин, по ЕП 2020, кое ќе се одржува во 12 града во Европа. Германците се откажаа од идејата да бидат домаќини на полуфиналните и на финалниот меч за ЕП 2020, па во главниот град на Англија, Лондон, на стадионот „Вембли“, ќе се играат трите завршни натпревари.
Германија беше домаќин на мундијалите во 1974 и во 2006 година, како и на ЕП во 1988 година. Турција досега не била организатор на ЕП или на СП во фудбал, а беше заеднички кандидат со Грција за организација за ЕП 2008 (се одржа во Австрија и во Швајцарија) и самостојно за ЕП 2012 (Полска и Украина).
Првично за организација на ЕП 2024 беа заинтересирани и скандинавските земји, Данска, Шведска, Норвешка и Финска, но сѐ остана само на идеја.