Ентони Бордеjн, американскиот раскажувач, писател, готвач и славна телевизиска личност што ги освои гледачите низ светот, почина вчера на 61 година. Си-ен-ен ја потврди смртта на Бордеjн и информира дека причината за смртта е самоубиство. Во медиумите се прошири информацијата дека се обесил.
– Со преголема тага ви соопштуваме дека нашиот пријател и колега Ентони Бордејн почина. Неговата љубов кон авантурата, новите пријателства, фината храна и егзотичните пијалаци и извонредните приказни за светот го направија единствен раскажувач. Неговите таленти не престанаа да нѐ восхитуваат, а сега и многу ќе ни недостигаат. Нашите мисли и молитви се со неговата ќерка и семејство во овие тешки моменти – стои во соопштението.

Бордејн периодов во Франција работел на претстојната епизода од неговата наградувана серија. Неговиот близок пријател готвачот Ерик Рипер го нашол Бордејн без знаци на живот во неговата хотелска соба во петокот наутро.
Минатиот месец на Си-ен-ен почна да се емитува последната 11 сезона од „Непознати делови“. Прифаќајќи ја наградата „Пибоди“ во 2013 година, Бордејн ја опиша својата работа.
– Поставуваме многу едноставни прашања. Што те прави среќен? Што јадеш? Што сакаш да готвиш? И насекаде во светот одиме и ги поставуваме овие многу едноставни прашања и имаме тенденција да добиеме некои навистина неверојатни одговори – изјави Бордејн.

Бордејн беше мајстор во својот занает, прво во кујната, а потоа и пред камерите. Преку своите телевизиски емисии и книги, тој го истражуваше човечкото однесување и ѝ помогна на публиката поинаку да размислува за храната, патувањето и за себеси. Тој се залагаше за маргинализираното население и водеше кампања за побезбедни услови за работа во рестораните и вработените.
И практично ја има освоено секоја награда што индустријата ја понуди.