Барселона, која веќе ја обезбеди 25-та шампионска титула, ремизира со Реал (2-2) по што и натаму е без пораз по 35-те првенствени кола (26 победи и девет ремија)

Големото шпанско и европско фудбалско дерби, „ел класико“ Барселона – Реал на „Ноу Камп“ заврши без победник, 2-2 (Суарез 10, Меси 52 – Роналдо 14, Бејл 72). Барселона, која веќе ја обезбеди 25-та шампионска титула (поуспешен е Реал со 33 титули), и натаму е без пораз по 35 кола (26 победи и девет ремија), е пред несекојдневен подвиг, без пораз да ја заврши сезоната во Ла лига (ја очекуваат мечевите со Вилјареал и Реал Сосиедад дома и гостувањето на Леванте). Барса не е поразена на 42 првенствени натпревари едноподруго, од април 2017-та. Неделното дерби, 238-мо во сите конкуренции (Реал има 95, а Барса 93 победи), како и повеќето во минатите години и децении, не мина без контроверзии.

Сѐ почна откако „кралевите“ одбија со почесен шпалир и аплаузи пред мечот да ѝ ја честитаат новата титулата на Барса, тензијата продолжи со исклучувањето на Серхио Роберто во 45-та минута, а кулминира со фаулот на Луис Суарез над Рафаел Варан што му претходеше на вториот гол на Барса што го даде Лионел Меси, седми за него, најмногу од сите во првенствените дуели „ел класико“, вкупно 26-ти. Суарез, пак, стигна до бројката од шест гола на осумте меча против Реал, најмногу од сите од дебито во сезоната 2014/2015. Барса не успеа да го победи „лутиот“ ривал и во четвртиот меч едноподруго дома (два пораза и две ремија) што претходно им се има случено во декември 2003-та Кристијано Роналдо го постигна првиот гол за Реал, 18-ти за него во „ел класико“ во сите конкуренции (12 на последните 12 гостувања на „Ноу Камп“), со што се израмни со клупскиот рекордер, легендарниот Алфредо ди Стефано.

Тој гол на Роналдо во 14-та минута беше 400-ти за Реал во мечевите против Барселона, која има дадено 389 гола. Роналдо беше заменет по првите 45 минути поради повредата на зглобот, за која од неговиот клуб велат дека не е од потешка природа и оти тој ќе биде во добра форма за финалето во Лигата на шампионите (ЛШ) против Ливерпул на 26 мај во Киев. 


Ривалство што трае од 1902 година

Ривалството помеѓу двата фудбалски тима оди многу подалеку од теренот. Всушност, тоа е фасцинантно искуство, кое ја раскажува приказната за богатата и сложена култура на Шпанија, испреплетена со историја, политика и силен регионален идентитет. Терминот „ел класико“ најпрвин се однесуваше на првенствените мечев, но сега важи за сите конкуренции. Ривалството меѓу Реал и Барселона почна во 1902 година, а во ерата на Франко прерасна во непријателство, бидејќи Реал се сметаше за симбол на шпанскиот национализам, а Барселона беше најсилниот израз на каталонската гордост и идентитет. Работите оттогаш не се променија многу, напротив се заострија по референдумот за независност на Каталонија во октомври лани.