Фото: Горан Анастасовски

Планирана е набавка на 24 женки и 6 мажјаци од видот европски елен преку отворена меѓународна јавна набавка. Овие единки ќе бидат згрижени во репродуктивниот центар што претходно ќе биде изграден

Репродуктивен центар на елени, изградба на арборетум (ботаничка градина), подобро управување со пасиштата и зачувување на биолошката разновидност во Националниот парк Галичица се дел од активностите што Националниот парк Галичица и Друштвото за проучување и заштита на биодиверзитетот и одржлив развој на природните екосистеми (БИОЕКО) – Скопје почнаа да ги спроведуваат, во рамките на проектот „Подобрување на заштитата, конзервацијата и управувањето со заштитеното подрачје Национален парк Галичица“.

– Проектот се состои од три компоненти и тоа: ревизија на планот за мониторинг на видови и живеалишта, спроведување мониторинг на 10 вида и 3 живеалишта, заштита на биолошката разновидност преку воспостaвување арборетум и активно управување со високопланинските пасишта преку реинтродукција на европскиот елен. Основањето на репродуктивниот центар во рамките на границите на Националниот парк Галичица предвидува изградба на заграден простор со површина од 102 хектари, со внатрешна ограда за: центар за спасување и рехабилитација на повредени и конфискувани животни, како и адаптивна (карантинска) област. Планирана е набавка на 24 женки и 6 мажјаци од видот европски елен преку отворена меѓународна јавна набавка. Овие единки ќе бидат згрижени во репродуктивниот центар што претходно ќе биде изграден – во кој ќе се врши репродукција на истите – ни изјави Константин Здравески, од Националниот парк Галичица.

Зафатот предвидува да се подобрат заштитата и управувањето со високопланинските пасишта како екосистеми. Оптималниот статус на популацијата на големите цицачи, вклучувајќи ја и популацијата на европскиот елен како составен дел од тревните екосистеми, ќе ги подобри практиките на управување со ваквите екосистеми и ќе ја намали опасноста од отворени пожари. Покрај тоа, ќе го заштити традиционалната пејзажна вредност на паркот и богатството на биодиверзитетот на пасиштата.
– Арборетумот во општа смисла е ботаничка колекција составена исклучиво од дрвја и грмушки. Почесто арборетум е ботаничка градина, која содржи збирка на живи дрвенести растенија и се применува како алатка што овозможува заштита на видовите, како и основа за нивно понатамошно научно испитување.

Имено, преку оформување арборетум на површина од околу два хектара во кој ќе бидат вклучени 176 автохтони видови дрвја и грмушки, како и ретки и ендемични растенија. Главната цел на оформувањето на арборетумот е да го промовира и подобри знаењето за богатството на флората од Национален парк Галичица. Покрај тоа, арборетумот што ќе биде оформен со реализација на овој проект ќе придонесе и за зголемување на туристичката понуда во Охрид – вели Здравевски.

Во арборетумот ќе има кревка коситерница, молика, муника, кочеџик, македонски даб, дива и питома фоја, тиса, ела, полски брест, планински брест, див костен итн.
Проектот „Подобрување на заштитата, конзервацијата и управувањето со заштитеното подрачје Национален парк Галичица“ е вреден 340.000 евра, а е финансиран од Европската Унија во рамките на програмата „Подобрување на управувањето со заштитените подрачја“.