Во ерата на глобализацијата се профилираа два економски модели: моделот на американските неолиберали и економскиот модел на Германија.
Главен идеолог на глобализацијата на светската економија и на американскиот економски модел беше дворскиот филозоф на Белата куќа, Френсис Фукујама, а главни протагонисти на овој модел беа нобеловецот (за економија) Пол Кругман, Џорџ Сорос, Џефри Сакс и други влијателни американски економисти. Суштината на глобализацијата и на американскиот развоен модел беше базирана на следните претпоставки: Америка не треба ништо да произведува, а својот развој треба да го насочи на услугите и со суфицитот во областа на услугите (филмови, музика, Интернет и сл.) би се покривал дефицитот во трговскиот, односно во платниот биланс! Во согласност со овој модел започна процес за масовно затворање фабрики во САД и нивно преселување во странски земји, првенствено во земјите од Југоисточна Азија, во почетокот во Јужна Кореја, а подоцна и во Кина. Во периодот од 1997 до 2014 година во САД се затворени, а потоа преселени во други земји, повеќе од 85.000 фабрики! Во Америка згасна производството на трактори, автомобили, авиони и многу други индустриски производи! Американците согледаа дека ја утнале работата, што го призна и главниот идеолог на ваквиот економски модел, Ф. Фукујама!

Согледувајќи ги штетните последици од ваквата економска доктрина, поранешниот американски претседател Барак Обама започна акција за враќање на производството во Америка. Во почетокот беше вратено производството на трактори („катерпилер трактор“), потоа производството на автомобили (што придонесе за повторно оживување на Детроит како центар на американската автомобилска индустрија), производството на авиони („боинг“), производството на информатичката технологија итн. Лично Б. Обама бараше од сега починатиот лидер на „Епл“, Стив Џобс да го врати во САД производството на неговата компанија. Главна цел на ваквата економска стратегија е враќање на средната класа, односно на „сините мантили“ во Америка, која поради глобализацијата беше битно ослабена. Истовремено беше битно зајакната средната класа во Кина. Анализите што беа направени пред околу две години покажаа дека средната класа во Кина има околу 300 милиони луѓе, што е повеќе од бројот на средната класа во З. Европа и Северна Америка заедно! Познато е дека средната класа е мошне значајна за стабилноста на секое општество! Најголема полза од глобализацијата имаше токму Кина. Ни малку не е чудно тоа што на Економскиот самит во Давос, кинескиот претседател Си Џинпинг се заложи за „робусна одбрана на глобализацијата“!

Актуелниот американски претседател Доналд Трамп во предизборната кампања најави враќање на фабриките во Америка, а со лозунгот „Америка на прво место“ најави пресметка со политиките на неолибералите. Го отвори прашањето за неизбалансираната трговска размена на САД со Кина и со Германија како најголеми светски извозници, но и со ЕУ во целина.
Економскиот модел на неолибералите се базира на формулата ПОТРОШУВАЧКА + УВОЗ! Значајно би било да се нагласи дека овој модел може да се примени само во САД, благодарејќи на улогата што ја има доларот како клучна светска валута, но не и во другите земји што потрошувачката можат да ја зголемуваат само со задолжување, односно со земање странски кредити!

Истовремено, Германија се определи за економски модел базиран на формулата ПРОИЗВОДСТВО + ИЗВОЗ + ШТЕДЕЊЕ (на трошоците на државата) и благодарејќи на овој модел остварува импресивни резултати.
Посткомунистичките земји во изборот на моделот за транзицијата имаа можност да избираат меѓу економскиот модел на американските неолиберали и германскиот економски модел. Неолибералниот модел беше безрезервно прифатен и применет само во Руската Федерација и во Македонија, додека земјите од Централана и од Источна Европа, откако ги проучија двата модела, се определија за германскиот развоен модел и на тој начин успеаја да се наредат меѓу најуспешните земји во транзиција! Подетално за транзицијата во посткомунистичките земји во друга пригода.

Веќе напоменав дека неолибералниот економски модел им нанесе големи штети на САД, а посебно големи штети претрпеа посткомунистичките земји што се определија за овој модел. Примената на неолибералниот модел во Русија придонесе за појава на инстант милијардери, односно малобројна група супербогати луѓе, кои се наредија меѓу најбогатите на списокот на магазинот „Форбс“ и огромно мнозинство сиромашни руски граѓани! Безрезервната примена на неолибералниот модел ѝ нанесе огромни штети и на Македонија. Беа затворени голем број фабрики, кои, за разлика од американските, не беа преселени во други земји, од кои беа отпуштени голем број работници. Со приватизацијата на државниот/општествениот капитал, која се изврши во согласност со препораките на неолибералите по принципот „шок-терапија“, дојде до социјално раслојување на македонското општество слично на она што се случи и во Русија, супербогата мала група привилегирани граѓани и огромно мнозинство сиромашни граѓани, со таа разлика што богатството во Русија се изразува во десетици милијарди долари/евра, а во Македонија во десетици милиони долари/евра.

Во неколку наврати пишував за средбата на водечките македонски политичари, научници и стопанственици, која се одржа во хотелот „Дрим“ во Струга при крајот на пролетта 1994 година, на која со акламација беше поздравена одлуката за итна приватизација на општествениот/државниот капитал. Иако не бев поканет, се пријавив за дискусија и настапив последен. Во својата дискусија предупредив да не се брза со приватизацијата и апелирав да се проучат искуствата на оние посткомунистички земји, кои имаат мошне успешна транзиција, посебно апострофирајќи ги Полска, Чешката Република и Словенија. Моите предупредувања и апели, за жал, беа залудни. Со определбата за примена на неолибералниот економски модел Македонија ептен ја утна работата, така што сега е принудена да бара „спас“ за тешките економски проблеми со кои се соочува.

На крајот би сакал да напоменам дека ми беше многу мило кога прочитав дека Германија се согласила со формирање Заеднички македонско-германски економски управувачки комитет, кој треба да работи на создавање услови за економски напредок на нашата држава! Убеден сум дека Германија покрај усилбите што ги прави за ослободување на „заробената држава“ и за создавање услови за владеење на правото, ќе даде огромен придонес за наоѓање и економски модел, кој ќе ѝ овозможи просперитет на нашата држава!

Коста Стоименовски,
поранешен дипломат