Веќе еден месец се гради тротоарот на улицата Васил Главинов. Би требало да се користи гранулиран материјал, но без ситна фракција. Арно ама тој без ситна фракција е скап за изведувачот. Затоа овие денови бидејќи беше и ветровито имаше глинени микрочестици колку што сакаш. Цела зима кукавме од микрочестици, а сега ги продуцираме. Ете тоа е заштитата на градот во летните периоди од загадувањето. Во центарот на градот еден тротоар се изведува еден месец. Во градовите со ниско загадување тоа се изведува преку ноќ, во најкраток можен рок, токму заради намалувањето на загадувањето. Познато е дека секоја стопирана градба е ѓубриште додека не се заврши. А такви недовршени градби сега во Македонија, имаме најмногу во нашата престолнина – Скопје.

Доста ни се зборувањата за заштита на граѓаните и на животната средина од загадување. Тоа се само флоскули и лаги.

Продолжувајќи по улицата Максим Горки, кога ќе ги погледаш цветните дрвја ќе ти падне грев. Тие сега цветаат со многу убави цветови. Арно ама тие се напуштени, неискастрени со години, и жалосно е, кога ќе ги забележиш цветовите во сувите гранки на дрвјата. Во таа улица ќе препознаеш тотален недомаќинлак, како да нема градоначалник на општината. Тоа е таа срамна ситуација кога човекот си игра со природата и со нејзината убавина. Скопјани знаеја да дојдат во улицата на цветните дрвја, и во периодот кога тие цветаат да им се порадуваат и восхитуваат. Но оваа година можат да дојдат да се јадосуваат од односот и немарноста на општината Центар. Градоначалникот на општината Центар е поранешен директор на „Паркинзи“ на општината Центар, тој би требало добро да ја познава општината, ако cака да сработи нешто добро за неа.

Продолжувам покрај Еуростанард банка. Изведените вентилатори веројатно за проветрувањето на банката дуваат одоздола во минувачот. Неверојатно решение. Каде се инспекциските служби? Порано таква изведба не би можела да се дозволи. Порано гасовите се спроведуваа на некоја висина над висината на минувачите. И во најновата гиро-продавница на влезот во Трговскиот центар, вентилаторите дуваат во посетителите. Тоа би било добро, ако си купиш леб и со мирисот го задоволиш гладот, кога немаш пари да си купиш гиро.
Чудни се оваа природа и однесување на нашата инспекција во општината Центар! Кои од кои поталенти во својата област! И се прашувам до кога вака ќе го „штитиме“ граѓанинот на оваа наша држава, само со пароли и флоскули? На каква заштита и од кого треба да се надеваме? Треба ли да сме задоволни што секој втор збор им е „граѓаните“, а ние сироти гледаме да не се замериме, бегаме и викаме ааха, ааха, добро, добро… Ајде чао.

Еве веќе две години градбата во Центар е блокирана, што ако дојде друга гарнитура и таа блокира. До каде може да оди тоа? И кој ќе ги плаќа трошоците? Блокирањето на проектите чини повеќе, отколку рушењето или дополнителната изградба. А одговорноста за лошите изградби, лежи и во позицијата и во опозицијата.
Ако тоа не е така, тогаш треба да се прецизира со закон и во кој случај опозицијата има право да блокира, и кој ќе ја плати штетата. На овој начин партиите се фалат со „живот“ за граѓаните, а него никаде го нема!

Вака ли престолнината на нашата држава ќе го пречека папата Франциск на 7 мај. А очекуваме и да ни дојдат над еден милион туристи, кои, впрочем, и според статистичките податоци, повеќе го посетуваат Скопје отколку Охрид.
Ете, поради таквата состојба на нашата престолнина и толкуте проблеми, не се надевам оти на екологијата ќе ѝ дојде редот и не очекувам оти следната зима ќе имаме почист воздух.

Поцев Стефан, проф. во пензија