Третиот интернационален самит за фотографи и видеографи ќе се одржува од денеска до 11 април во „Чифте-амам“. Ова е единствениот регионален собир, чија цел е да ги обедини професионалните фотографи и видеографи, како и сите други што размислуваат професионално да се занимаваат со фотографија или видео, почнувајќи свој сопствен бизнис, и сите вљубеници во фотографијата и видеото на тридневен едукативен настан во Скопје.

Идејата за организирање на оваа конференција е да се постави паралелна и отворена дискусија за фотографијата како бизнис и уметност, како и начинот на изработка на истата таа во светот и во регионот, да им се обезбеди можност на сите заинтересирани учесници да научат различни техники, нов пристап, трикови и насоки од најголемите и најуспешните имиња во фотобизнисот во моментов.

Говорници на самитот ќе бидат: Сакис Батзалис фотограф од Грција, Кристина Отеро од Шпанија, која ќе зборува на темата „Фотографирање во живо со модели – Уметноста на портретите“. Предраг Вуцковиќ од Србија, кој ќе ги сподели техниките за „Екстремно спортска фотографија околу светот“. Алина Плачек од Полска ќе отвори дискусија на темата „Фотографирање во живо со модели – Уметнички детски портрети“.

Јулија Заркх од Русија ќе зборува за „Љубовта и фамилијарни портрети“. Тони Мор од Северна Ирска, пак, ќе говори за уметноста на домот и комерцијалните простории. Дамјан Фикет од Хрватска ќе ја отвори темата за свадбена фотографија, а Драгољуб Николовски Гаго, кинематограф од Македонија, ќе ги сподели своите искуства од „Кинематски елементи во видеопродукција“.