Една молба до Бујар Османи

Минатата седмица ме вознемирија два исказа. Најпрвин, вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи изјави дека договорот на кој се работи со Грција (околу името) е веќе речиси финализиран, и дека прашање на часови е кога ќе биде прифатен од двете страни. Но, веќе во другиот исказ Османи се демантираше самиот себеси, па рече дека иако текстот наводно бил принципиелно усогласен, сепак, ИНТЕРПРЕТАЦИИТЕ на текстот се сè уште различни. Или, како што пренесоа медиумите: „Според него, моменталните разлики повеќе се во интерпретацијата на напишаното, отколку во генералните принципи што ги кажуваат двете страни“.
Знам дека Османи е медицинар (лекар), имав можност дури и да го запознаам своевремено, додека не беше политички активен.

Ми остави впечаток на стабилно, воспитано, умно и учено момче. Така што, сега, откако е во политиката, и тоа на мошне важна позиција, не можам да сфатам како му се поткраднува ваков автогол во реторичка смисла. Имено, иако Османи не мора да биде стручњак од реторика или логичка семантика, сепак, веројатно чувствува дека нешто со неговите два исказа не е во ред. Противречни се: ако се разликуваат интерпретациите на текстот, тогаш неговото прифаќање не е прашање на часови. А посебно се противречни двата подисказа во вториот исказ. Односно, не може во исто време да биде вистинито и дека принципите на двете страни се идентични, и дека интерпретациите на тие принципи се различни. Принципите не се интерпретираат, тие се праправило. Тие се прифаќаат како готови. Не може принципот на причинско-последично однесување од едни да се интерпретира како „причината ѝ претходи на последицата“, а од други како „последицата ѝ претходи на причината“.

Најпрвин, ако договорот навистина е уточнет, како и секој договор, мора да има структура на закон. Тоа значи – да биде толку еднозначен и прецизен, за да не остава место за интерпретации. Ние, кои се занимаваме со уметност, знаеме дека интерпретацијата (или херменевтиката) е крајно субјективен чин на толкување, и многу често – припишување значења што се вешто скриени како значенски можности во него. Така, интерпретираме една иста песна (еден ист уметнички текст) на два, три, четири сосема различни начини, и во тоа ја гледаме големината на истиот уметнички текст – тој е голем затоа што нема само едно, туку повеќе значења. Тоа е така затоа што уметноста по дефиниција е метафора и симбол, но законските акти, како и договорите меѓу две држави, особено за вакви клучни прашања – не смеат да бидат метафора. Тие треба да бидат составени само од прецизни кодови, а не од херменевтички (субјективни) асоцијации во кои секој ќе си чита и наоѓа она што му налага неговиот политички интерес или политичката фантазија.

Таков (еднозначен) семиотички систем мора да биде, на пример, и сообраќајната сигнализација – ниеден сообраќаен знак за ограничување на брзината не смее да се сфати како метафора, па да подлежи на субјективно толкување на возачот, зашто тогаш 60 км/ч. за некого може да значат и 80, и 90 и 120. Истото важи и за црвеното светло на семафорот, кое е високо кодирано (има само едно значење: „стој“), па не може да подлежи на интерпретации од типот „еротично“, „страсно“, „привлечно“, „огнено“ или „предизвик“.

Но, со нашите закони, изгледа, работите стојат поинаку. Таков случај имавме со минатонеделното невреме во Скопје, и тоа е вториот исказ што ме вознемири. Службеник на градската власт, односно началник на штаб за заштита и спасување на градот, прашан од новинарите дали на оштетените домаќинства ќе им биде исплатен некаков надомест за претрпените штети, одговара – не, затоа што законот е јасен. Ветрот дувал со брзина од над 80 километри на час, и тоа се сметало за непогода, а законот вели дека се исплаќа обесштетување само ако ветрот дувал со брзина помала од 72 километри на час. На прв поглед, ова изгледа прецизно, еднозначно и токму онака како што треба да изгледа некој законски пропис, за да се избегне субјективна интерпретација. Но, интересно е дека повторно, самиот градски службеник провнува интерпретација токму во својот наводно максимално прецизен исказ – од каде ние да знаеме и зошто да му веруваме дека ветрот СЕКАДЕ, на целата територија зафатена од невремето дувал токму со брзина од над 80 километри на час? И дека цело време дувал со таа брзина? Тоа е негова субјективна интерпретација, а не објективен, научно утврден хидрометеоролошки факт. Ако сме докрај „точни“ во читањето на законот, тогаш е апсурдно да се верува дека ветрот не дувал и со помала брзина во некое време, и на некои места?

Знам, личи на барање влакно во јајце. Но, примерот ми служи за да покажам колку треба да се внимава на она што се договара со Грците, а што, за жал, упорно се крие од јавноста. А се крие најверојатно затоа што врие од вакви апсурди како ветрот што дува со постојана брзина на постојана територија. И најверојатно затоа што (Османи тоа имплицитно го признава), тој текст во правна смисла личи на швајцарско сирење, во млечна смисла – полн е со дупки во кои Грците ќе го читаат она што ќе им одговара, а ние – она што нам ни одговара.
Тоа значи дека тој текст (кој ретко кој од обичните смртници го видел) најверојатно личи на симболистичка песна од Бодлер, па бара интерпретација. А ако тој текст сепак не е метафора, тогаш, ако сериозно се земат стравувањата на Османи, тој и не е вистински текст, туку само АГЛОМЕРАЦИЈА: куп неповрзани зборови без синтакса. Теоретичарот на визуелната поезија Еуген Гомрингер би рекол, наместо агломерација – КОНСТЕЛАЦИЈА: куп неповрзани зборови нафрлани на хартија, а поврзувањето го прави оној што чита, онака како што му одговара. Тоа е веќе ИНТЕРПРЕТАЦИЈА НА КОНСТЕЛАЦИЈАТА, која ја најавува Османи.

За да бидам јасен, ќе се послужам со пример за агломерација или констелација (наречете го како сакате тој „текст без синтакса“, односно тој куп неповрзани зборови). Замислете дека на еден лист хартија добивате пет зборови: има, нова, мое, куче, жена. Како сè можете да ги поврзете овие зборови, односно да ја ИНТЕРПРЕТИРАТЕ оваа неструктурирана порака? Па, вака: а) Моето куче има нова жена б) Мојата жена има ново куче в) Мојата нова жена има куче г) Моето ново куче има жена…
Е па, сега, замислете како би изгледале интерпретациите ако во тој договор со Грција „зборовите не се баш јасно поврзани“. На пример, ако постојат само зборовите: промена, устав, Грција, Македонија, Северна, малцинство, откажување, иредентизам, бара, признава. Би можела да се добие реченицата: Грција бара Македонија да се откаже од иредентизам и ќе ја признае под името „Северна Македонија“, под услов Македонија да го промени Уставот и да се откаже од своето малцинство во Грција. Но, како во горниот пример со кучето и со жената, би можело да се интерпретира и вака: Македонија ќе ја признае Грција доколку Грција се откаже од иредентизам, го промени Уставот и со тоа го признае македонското малцинство во Северна Грција. Истите зборови се во прашање, проверете. Работата е само во точката на гледање, или во интерпретацијата, како што би рекол нашиот Бујар Османи.

Затоа, го молам господин Османи, доколку има увид во мистериозниот договор, доколку навистина овие зборови сè уште стојат неповрзани, да ја понуди вторава интерпретација, а да ја отфрли првата. Ќе му бидам благодарен како содржавјанин, зашто како граѓанин на Република Македонија и обичен смртник – толку можам да сторам за иднината на земјата во која сум роден и одгледан.