Околу 500 илјади члена имаат двете пензиски друштва во вториот столб од задолжително капитално финансираното пензиско осигурување. Вкупните средства што во овие две пензиски друштва се акумулирани од нивното формирање досега изнесуваат околу една милијарда евра.

Како што информира на вчерашната седница на собраниската комисија за труд и социјална политика Дарко Саздов, член на Советот на МАПАС, агенцијата што е задолжена за супервизија на овие пензиски друштва, се вршат редовни контроли на нивната работа. Контролите, истакна тој, вонтеренски се одвиваат на дневна основа, а теренски на годишно ниво.

МАПАС, истакна Саздов, презентирајќи го извештајот за минатогодишното работење, покрај супервизијата на работата на пензиските друштва, работи и на подигнување на свесноста на јавноста за, како што рече, целите и принципите на задолжително капитално финансираното пензиско осигурување.

Првиот столб е задолжителниот државен пензиски фонд, Фонд на ПИОМ, кој функционира на принцип на генерациска солидарност. Вториот столб го сочинуваат задолжителните приватни пензиски фондови, а осигурениците избираат еден од нив. Средствата вложени во вториот столб се инвестираат според утврдени прописи и обезбедуваат највисок степен на заштита на осигурениците и на нивните средства.
Во првиот столб од вкупно 18 проценти придонеси за пензиско осигурување од бруто-платите, се уплаќаат 12 отсто, а во вториот 6 отсто.