На едногодишнината од смртта на мајка ми Трајанка Кочовска-Плевнеш (1926-2017)

Со финскиот поет Пенти Олапа
Се запознавме на самиот крај на 20 век
На терасата на Црна Планина
Резиденција на европски писатели
Во родната куќа на Маргарит Јурсенар
Која се наоѓа во непосредна близина
На границите меѓу пет европски држави:
Франција, Белгија, Луксембург, Холандија и Германија
Додека разговаравме, гледавме во шумите
На околните ридови и констатиравме
Дека под Црна Планина се соборени
Сите рекорди во светската историја –
Тука има најмногу мртви по жител на квадратен километар
Во меѓусебните истребувања на европските народи
Што му го дадоа на Стариот Континент и славното име

– „Европа, најскапата гробница на светот!“

Пенти ми рече дека утредента
Треба да отпатува во Финска
Бидејќи имало долговековна традиција
На првата годишнина од смртта на мајката
Се крштева една бука со нејзиното име
И секоја година на нејзиниот роденден
Наместо на гробишта, се оди во густите букови шуми
И се пеат песни што ја слават вечната победа на животот

Пенти ми кажа дека мајка му се викала Аино Вилхелмина Исовита
Од едно село од крајниот север на Финска
По име Иликиминки и дека била ткајачка по професија
И дека толку толку бело платно исткајала
За време на нејзиниот живот што можела
Цела Финска да се покрие со бело платно

Во истиот миг помислив на мојата мајка
Трајанка Кочовска-Плевнеш
Родена во Слоештица, југозападна Македонија
Под Илинска Планина и Црни Врв
Ткајачка, везачка и плетачка по професија
Што исткајала толку јамболлии и батании
Што цела Македонија можеш да ја покриеш
Око да не ти трепне

Се погледнавме во очи со мојот фински пријател
И откривме дека, иако сега од милионите млади Европејци
Никој веќе не знае што е разбој за ткаење
Нашите заемно разменети поетски солзи
Беа доказ за истата судбина на сите мали и големи
Европски народи и трагичната демографска слика
На Стариот Континент што сега го нарекуваат
„Празна лулка“

Кога се вратив во Македонија, им ја раскажав приказната
На моите браќа Љубе и Владо
Бидејќи татко ми Симе одамна беше заминат на Небото
Заедно со мајка ми Трајанка Кочовска-Плевнеш
Кинисавме кон високото
И одбиравме бука во непрегледните букови шуми
Под Црни Врв која ќе го носи нејзиното име
на првата годишнина од нејзиното заминување

Но не би така!
Моите браќа заминаа во вечноста пред неа
Таа и Јас ги испративме
И оттогаш почнаа да ми се мешаат сите буки
На Европа и светот во главата
Бидејќи сите дрвја од родот Fagus silvatika
Што растат и во Азија и во двете Америки и во Северна Африка
До сите познати и непознати острови на четирите страни од светот
На тоа божјо дрво од кое произлегува името дури и на Книгата
Book-books
Аз, Буки, Веди
Се претворија во мене во недоглед од буки и букви по Планетата
По кои може да се именуваат мајките на синовите
На таа Мајка Magnum mater што го раѓала
Од памтивек до денес машкиот пород
Што ја претворил целата земја во континуиран масакр
Од грчко-персиските војни до светските војни
И до сликите на илјадници мртви меѓу Ирак и Сирија денес

Во нашата куќа во Демир Хисар, која се наоѓа
На самиот раб со непрегледните шуми
Мајка ми пречека многу светски писатели и уметници
Што од мојата младост до нејзината смрт, минатата година
Се запишаа во славната хронологија на гости
На таа куќа што стана Дом на светските илузионисти
Што таа ги пречекуваше со зборовите
Независно дали беа кинески, јапонски, арапски, американски
Европски итн. писатели или уметници
„Вие толку личите еден на друг како една мајка да ве родила!“

Сега кога ги гледам на Гугл сите буки на светот
Коишто би можеле да бидат крстени
По сите мајки што со бескрајна љубов
Ги дарувале своите синови
Се прашувам дали мислата на Клод Леви Строс
„Среќна околност е што историјата на светот започна без човекот
И уште посреќна е што ќе заврши без него“
Мајко, Mata, Maman, Mati, Mere, Maiko, Mоther of God,
Се прашувам дали шумењето на сите буки
На Мајката Земја
Ќе биде како возвишена универзална музика
Поубава замена за сета светска уметност
Што не успева со „убавината да го спаси Светот“

Јордан Плевнеш
Мај, 2018