Еднакво на нееднакво

Процентот на жени во раководството на спортските институции, како и во управните одбори и комисиите, остана низок и речиси невидлив. На спортските манифестации, најголемиот број наградени се мажи, најголемиот број поканети се исто така мажи и најголемиот број членови на комисии се имено – мажи!

Прочуената изјава на поранешниот генерален секретар на Организацијата на Обединетите нации, Бан Ки-мун вели дека еднаквоста на жената значи прогрес за сите и дека земјите со поголема родова еднаквост имаат подобар економски пораст. Гледајќи ретроспективно, 2018 година беше доста динамична и интензивна година кога станува збор за случувањата и настаните поврзани со ова прашање. Граѓанските организации чиј фокус на работа се промоцијата и унапредувањето на родовата еднаквост беа проактивни и гласни во своите барања до централната власт и надлежните институции, притоа мобилизирајќи голем број поддржувачи преку своите кампањи. Законот за еднакви можности за жените и мажите, кој е донесен во 2012 година како проширена и доработена верзија на првиот таков закон од 2006 година, имаше за цел да ја подобри институционалната и законската рамка, за остварување на родовата еднаквост во сите општествени сфери. Но фактичката состојба и состојбата на терен се сосема поинакви од тоа што е напишано на хартија. Жените, особено од руралните средини, сѐ уште секојдневно се соочуваат со родово базирана дискриминација и нерамноправно учество во сите општествени сфери, кое пред сѐ се должи на стереотипите и предрасудите присутни во македонското општество.

Во спортот не е ништо поинаку. Речиси сите спортски федерации си тераат по исто (чест на ретките исклучоци) и ниту една не покажува интерес или ентузијазам да направи реални промени по однос на еднаквоста. Не се воведоа родово сензитивни политики или родово одговорно буџетирање, па дури на мое знаење сѐ уште никој ја нема потпишано Брајтонската декларација, документ според кој морално се обврзуваат да поттикнат поголема застапеност на жени во спортот и во структурите на самите федерации. Освен поединечни адхок-настани и импровизирани работилници и семинари на тема состојбата на жената спортист, не одекна ниту една однапред осмислена, конципирана и стратегиска активност и кампања, а да не ни спомнуваме за едно истражување и длабинска анализа што ќе дадат точни и објективни податоци за реалната состојба на жената спортист. Понатаму, процентот на жени во раководство на спортските институции, како и во управните одбори и комисиите, остана низок и речиси невидлив. На спортските манифестации, најголемиот број наградени се мажи, најголемиот број поканети се исто така мажи и најголемиот број членови на комисии се имено – мажи!

Спортските редакции и, воопшто, медиумите отстапија срамно ограничен простор за жената спортист, за која сѐ поретко и поретко се чита, а камоли да се гледа на некој телевизиски канал. За насловна страница да не ни помислуваме. Еве, за да не згрешам, вечерва (25.12) повторно ги разгледувам спортските интернет-портали – за женски спорт ниту збор. Но затоа за разголени и сексапилни спортистки текст и фотографии колку сакаш!?

Нејсе. Оваа година се случи и еден различен настан. Се случи „Вечер за жени во спортот“, и тоа првпат во Македонија. На едно место се собраа сите врвни и значајни спортистки и жени што со години работат во спортскиот сектор и ги прославија успехот и заедничката заложба за еднаквост во спорт. Се прогласија победнички во тринаесет категории, вклучувајќи и професии како спортска новинарка, спортска судијка, спортска тренерка, спортска менаџерка и посебни признанија за животно дело и за промоција на родова еднаквост во спортот. Видовме жени на сцена (сите наградени беа жени), комисијата што одлучуваше за номинациите и за победничките беше составена од жени, од кои три искусни спортистки и две спортски новинарки, и спортскиот оскар кој се доделуваше вечерта беше со женска фигура (раритет на ваков тип настани).

Настанот беше инспиративен и имаше за цел да придонесе кон промоција и поголема медиумска видливост на жените во спортот, приближувајќи ја оваа моќна фигура до помладите генерации на девојки што растат без домашни спортски женски идоли. На симболичен начин, се истакнаа достигнувањата на спортистките за во наредните години да бидеме сведоци на експанзија на жени спортски судијки, тренерки, менаџерки, новинарки и уреднички и воопшто поголема застапеност на жени во спортот и во спортскиот сектор. Долгорочната цел е да имаме сеопфатна и инклузивна стратегија, насочена кон унапредување на еднаквоста во спортот зашто рамноправноста на жената значи напредок за сите.

Ваков тип настани треба да се случуваат што почесто кај нас. Настани на кои ќе се прослави успехот на жената спортист. Настани на кои еднакво ќе се вреднуваат трудот и достигнувањата на жените вклучени во спортскиот сектор. Настани што ќе ја истакнат значајноста на женскиот спорт. Настани на кои спортистките ќе ги добијат поддршката и медиумската видливост што ја заслужуваат.

Авторката е писателка и претседателка на граѓанската организација ТАКТ, Скопје