Фото: Игор Бансколиев

Во пресрет на овој наш голем празник, сѐ повеќе се проблематизира суштината на нашето востание и ирационално се наметнува прашањето како ќе биде протолкуван овој чин од официјална Софија, која претходно го оспори и најголемиот македонски револуционерен деец Гоце Делчев. Во истиот контекст и договорот за добрососедство отвори нов фронт и даде материјал за пошироко толкување на одбележувањето на 11 Октомври, со што се задава нов удар врз македонската државност и историја

Македонија в петок го прославува 11 Октомври – Денот на народното востание, значаен државен празник со кој се одбележуваат борбата за национално ослободување на македонскиот народ и држава и антифашистичката борба на македонскиот народ, кој застана на вистинската страна на историјата. Сепак, во светлина на македонско-бугарските преговори, како резултат на договорот за добрососедство, и сѐ позасилената тенденција на Бугарија за ревидирање на историските факти, застрашувања и обландирани ултиматуми кон Македонија, се наметнува дилемата дали и овој наш државен празник може да биде камен на сопнување и недоразбирање, подметнат од другата страна, и нова пречка за одредување на фамозниот датум за Македонија. Дотолку повеќе што претстојниот празник македонските граѓани го прославуваат како прв сериозно планиран и организиран настан на националниот оружен отпор за ослободување на Македонија, Македонците, и сите оние што живеат на оваа територија и тоа токму против бугарскиот окупатор во полициската станица во Прилеп.

Сега, во пресрет на овој наш голем празник, сѐ повеќе се проблематизира суштината на тој настан и ирационално се наметнува прашањето како ќе биде протолкуван овој чин од официјална Софија, која претходно го оспори и најголемиот македонски револуционерен деец Гоце Делчев. Имено, илузијата на големобугарските позиции како појдовна основа се дека бугарското воено-административно управување во Македонија за време на Втората светска војна е последица на ослободувањето на делови на Македонија од нивна страна, кои дотогаш биле окупирани од српска власт во Кралството Југославија. И дека напротив, тие не се окупатори, туку ослободители на македонската земја и народ (?!), иако во архивските документи многу педантно пишува дека била извршена токму – окупација.

Бугарскиот професор Светлозар Елдеров, кој е член на бугарскиот тим во рамките на мешаната образовно-историска комисија на Македонија и Бугарија, не се согласува со фактот дека Бугарите биле окупатори во земјава и соработници на фашистичка Германија. Напротив, бугарската позиција е дека тие во 1941 година ја ослободиле Македонија од српската окупација на Кралството Југославија.
– На 11 октомври е нивниот национален празник, Денот на народното востание, кое е востание против Бугарите, бугарското воено-административно управување во Македонија за време на Втората светска војна во 1941 година – вели тој.
На иста линија се и изјавите на бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов.

– Македонските земји се бугарски и тоа е историски факт… Нема да прифатам луѓе со нејасни ставови и со обратно читање на историјата да влезат во НАТО и во ЕУ, на грбот и за сметка на Бугарија и на историската правда – порача неодамна Каракачанов.
Неодамна бугарскиот државен врв одржа итен состанок посветен на Македонија, на кој се усогласуваше ставот што ќе го заземе Софија во ЕУ околу можното доделување датум за земјава, а по неуспехот на мешовитата комисија да најде решение за Гоце Делчев.
Во ваквиот контекст и договорот за добрососедство отвори нов фронт и материјал за пошироко толкување на одбележувањето на 11 Октомври, кое исто така се става на тапет и се проблематизира, со што се задава нов удар врз македонската државност и историја.

Според професорот Тодор Чепреганов, 11 Октомври не може во никој случај да се избрише, бидејќи со тој чин македонскиот народ се ставил на страната на антифашистите.
– Бугарија беше на страна на тие злосторници што ги извршија најголемите злосторства во земјава. Бугарија беше учесник и во холокаустот и ако има малку доблест таа треба да им се извини на македонските граѓани за направените злосторства за време на Втората светска војна, како и на Евреите. Тоа е најмалку што може да направи, а 11 Октомври не може да го блокира со ништо – категоричен е Чепреганов.

Тој додава дека Софија има намера да ги изврти историските факти.
– Основната тенденција на бугарската историографија е да се избрише 11 Октомври како празник на македонското востание против бугарската окупација и да се создаде историски впечаток дека тоа било Граѓанска војна на Бугари против Бугари, предизвикана од комунистите. Сѐ што било позитивно од таа борба на македонска страна би си го припишале себеси, за да го скријат соучесништвото на страната на фашизмот во Втората светска војна – е ставот на професорот Чепреганов.
Празникот во земјава се одбележува со голем број настани и свечености, меѓу кои свечено положување цвеќе на Партизанските гробишта во Скопје од страна на повеќе делегации на Владата, Собранието и на претседателот, како и од Сојузот на борците, Министерството за одбрана и од Генералштабот на армијата. По повод овој празник во земјава традиционално се доделуваат наградите „11 октомври“ за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и други дејности.

Во согласност со владината програма за државни празници за 2019 година, се наведува дека 11 Октомври – Денот на народното востание, е неработен за сите граѓани, а Владата на синоќешната седница требаше да донесе заклучоци за сите активности што ќе се преземат околу годинашната прослава на празникот.