Според доверливи извори, за да се истурка најавениот самит во Софија според првичниот план, ЕУ сега се обидува да го реши проблемот со дипломатски акробации и со комплицирана кореографија, па, така, во завршната декларација од состанокот ќе треба да се говори за „партнери од Западен Балкан“, а не за „држави од Западен Балкан“

Колку што е долг и комплициран патот на балканските држави за членство во Европската Унија, исто така е комплицирано и тешко да се одржи и
самит помеѓу претставници од ЕУ и од Западен Балкан.
Токму на ваква констатација нѐ наведуваат последните превирања поврзани со состанокот што е закажан да се одржи на 17 мај во Софија и на кој треба да се сретнат државниците на земјите од регионот и нивните колеги од Унијата.
Во меѓувреме, недоразбирањата пред почнувањето на самитот почнаа околу статусот на Косово и неговото присуство на меѓународниот состанок, од причина што пет земји-членки на ЕУ не ја признаваат еднострано прогласената независност на Косово во 2008 година и сакаат тоа јасно да го стават до знаење и на самитот во Бугарија.

Бугарија, која е домаќин на случувањето, треба многу да внимава за ништо да не смее да биде интерпретирано на начин што би укажувал дека независноста на Косово е општо прифатена во Европа.
Во своја информација за случувањата германската агенција ДПА, повикувајќи се на извори во ЕУ, пишува дека за да се истурка самитот според првичниот план, ЕУ сега се обидува да го реши проблемот со дипломатски акробации, па, така, во завршната декларација од состанокот ќе треба да се говори за „партнери од Западен Балкан“, а не за „држави од Западен Балкан“.

– Дополнително, местата одредени за шефовите на држави или влади ќе бидат одбележани со нивните лични имиња, а не со имињата на државите што ги претставуваат. Со ваквите решенија, организаторите се надеваат дека ќе успеат да го спречат најавениот бојкот на земји како Грција, Романија, Кипар и Словачка, кои не ја признаваат независноста на Косово. Дополнително шпанскиот премиер Мануел Рахој, според најавите на дипломати, веќе решил да не учествува на самитот, бидејќи не сака да дозволи да биде фотографиран во близината на косовскиот претседател, поради проблемите со сепаратистичкото движење во Каталонија – пишува агенцијата.
Од самитот не се очекуваат никакви конкретни резултати бидејќи речиси е исклучено дека државите од Западен Балкан од шефовите на држави или влади на ЕУ би можеле да добијат конкретно ветување за влез во ЕУ.

Од друга страна, Радио Слободна Европа проценува дека „поради ваквата позиција, се отвора прашањето за успехот на самитот што се одржува по 15 години и што треба да биде важно случување за бугарското претседателство со ЕУ“.
Според порталот „Булгариан президенси“ поради учеството на Косово, чија независност не ја признаваат пет членки на Унијата (Шпанија, Грција, Кипар, Словачка, Романија), на самитот нема сите повикани да бидат застапени на највисоко ниво (премиер – претседател).

Инаку, шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева изјави дека не е извесно кои држави ќе бидат застапени на пониско ниво, освен Шпанија чиј премиер Марјано Рахој рече на 23 март дека ќе учествува само на вечерата на 16 мај, а своето учество на самитот го условил со целосно маргинализирање на претставникот на Косово, на кого на самитот не би требало да му биде дозволено да добие збор ниту да седи на истата маса со лидерите на ЕУ и на Западен Балкан.
Новинскиот порталот „Еурактив“, пак, информира дека самитот во Софија ќе се одвива во два формата и во комплицирана кореографија.

– Пред самитот на 16 мај на вечерата ќе бидат само 28 земји-членки на ЕУ и лидери на институции на ЕУ и темата нема да биде Западен Балкан, туку дигиталната агенда на Унијата. Следниот ден ќе биде одржан состанок 28+6 (Србија, Црна Гора, Македонија, Албанија, БиХ, Косово) – информира порталот.
Медиумот додава дека домаќин на состанокот е бугарскиот премиер Бојко Борисов, но со разговорите ќе претседава шефот на ЕС, Доналд Туск, заедно со претседателот на ЕК, Жан Клод Јункер.

Во контекст на актуелните случувања, за забележување е и фактот дека нашата земја од состанокот се надева на нов позитивен импулс што би го забрзал нашиот пат во евроатлантските аспирации. Хронолошки гледано наназад, својот европски пат Македонија го почна во април 2001 година и прва од регионот ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Во 2004 година аплицираше за членство, а во декември 2005 година се стекнавме со статус земја-кандидат. Во 2009 година по неколку продлабочени реформи во клучните области, ја добивме првпат и препораката на Европската комисија, паралелно и со либерализираниот визен режим и оттогаш наваму девет пати едноподруго, заклучно и со оваа препорака во 2018 година, ЕК препорачува Македонија да ги почне пристапните преговори.
Сите овие податоци и факти сами по себе доволно говорат за нашата подготвеност и исполнувањето на сите критериуми за наше членство во евроатлантските структури.
Политичкиот аналитичар Милан Стефаноски, коментирајќи ги превирањата поврзани со одржувањето на самитот на ЕУ и Западен Балкан во Софија, вели дека комплицираните релации меѓу балканските земји формираат непријатна клима и за време на одржувања на меѓународни средби.

– Многубројните отворени прашања, кои де факто постојат меѓу земјите од регионот, едноставно носат голем товар, кој, за жал, непријатно се отсликува на ваквите случувања – вели Стефаноски.
Тој потсетува дека ако се изанализираат државите од Балканот ќе се забележи дека скоро секоја од нив има одредено несогласување со некој сосед, кое некогаш е поврзано со водната граница како пример Хрватска и Словенија или, пак, Грција и Албанија, некогаш е поврзано со копнени граници како Косово и Црна Гора, а некогаш како во македонскиот случај комплицираноста на релациите меѓу Скопје и уцената од Атина што го надминува здравиот разум.
Аналитичарот се надева дека за доброто на Балканот и на сите земји поединечно еднаш засекогаш во скоро време ќе бидат затворени овие прашања, а европскиот живот ќе биде главен мотив за надминување на балканизмот.