Фото: Игор Бансколиев

Некои од странските компании имаат експертски тимови што им се на располагање на овдешните партнери за да им помогнат за достигнување на европските стандарди

Нема бариери за увоз на македонски производи на пазарите во Европа, но македонските компании треба да исполнат соодветни стандарди што се признаени во Европската Унија. На ова укажуваат од Стопанската комора на Македонија и странските компании, кои гледаат потенцијал за соработка со македонските фирми.

– Гледаме голем потенцијал за соработка со македонскиот пазар, а тоа впрочем го покажуваат и бројките. Во првата половина од оваа година трговската размена е зголемена. Особена вредност се става на квалитетот на изработката. Имено, се бараат партнери што поседуваат сертификати признаени во Европската Унија – вели Марлине Бургсталер, заменик-раководителка на трговското одделение на австриската амбасада во Република Србија, инаку одговорна и за Македонија.

Таа е во посета на Скопје заедно со претставници на австриски компании од металната и од електроиндустријата.

И од Стопанската комора на Македонија посочуваат дека исполнувањето на европските стандарди е она што им недостига на македонските компании.

– Австрискиот пазар и пазарите во Европа немаат бариери за увоз на македонски производи, особено од металната и од електроиндустријата, но она што во многу наврати, во можностите за соработка, се забележува е недостигот од соодветни стандарди што македонските компании треба да ги исполнат за да може да бидат сериозни конкуренти на пазарите во Европа – изјави Даниела Михајловска од Стопанската комора на Македонија.

Некои од странските компании дури имаат и експертски тимови што им се ставаат на располагање на партнерите за да им помогнат за достигнување на европските стандарди.

– Бараме нови партнери со кои би соработувале. Ние сме тука и нудиме поддршка за нашите партнери, односно имаме тим од квалификувани експерти што доаѓаат кај нашите доставувачи и им помагаат во подигнувањето на нивното производство на едно ниво на кое ќе може да ги исполнат условите за нивните сертификати – изјави Маркус Грубер од „Путингер лан техник“.

Она што за странските инвеститори претставува проблем за да инвестираат во земјата, според заменик-раководителката Бургсталер, се владеењето на правото и корупцијата, но, како што вели, Македонија има направено голем напредок во последните неколку месеци.

– Доколку го читате извештајот за напредокот издаден од Европската Унија ќе видите дека таму е напишано сѐ. Таму се зборува за недостиг во владеењето на правото, проблеми со корупцијата… Но, според моето мислење, читајќи го целиот извештај сметам дека тој има еден оптимистички тон. Потврдено е дека Македонија има направено голем прогрес во последните неколку месеци и се надеваме дека тоа ќе продолжи така – вели Бургсталер.

Трговската размена меѓу Македонија и Австрија во последните неколку години бележи континуиран раст со значително зголемување на извозот на македонски производи на австрискиот пазар и помала динамика на пораст на увозот од Австрија. Во првите седум месеци од годинава вкупната трговска размена изнесува 183,2 милиони американски долари што претставува зголемување од 77,11 проценти споредено со истиот период лани.

Австрија годинава е и 12-ти трговски партнер на Македонија за разлика од 2016 година кога била на 19-то место. Во 2016 година, според податоците на Народната банка на Република Македонија, Австрија имала најмногу инвестиции во Македонија.