Членови на Европскиот парламент земаат огромни суми од дополнителни ангажмани за време на пратеничкиот мандат. Работењето на страна не е незаконско, но отвора можности за конфликти на интереси. Кого застапуваат пратениците на ЕУ, граѓаните што ги избрале или фирмите што ги најмиле како надворешни соработници, прашуваат од Транспаренси интернешнел

Речиси една третина од пратениците во Европскиот парламент работат на страна и така заработуваат стотици илјади евра покрај нивната европска плата, се вели според едно истражување на невладината организација Транспаренси интернешнел. Пратеници од Европскиот парламент пријавија вкупно 1.366 надворешни ангажмани вредни дури до 41 милион евра од 2014 година, според анализата на јавните податоци на парламентарците.
На врвот на листата на 232 пратеници што истовремено заработуваат и на страна е италијанскиот социјалист Ренато Сору, кој како директор на телекомуникациската фирма „Тискали“ заработил околу 1,5 милион евра за време на актуелниот пратенички мандат, според извештајот на Транспаренси интернешнел. Исто така, меѓу најплатените десетмина е и либералниот лидер Ги Верхофстад (на трето место) и поранешниот лидер на УКИП, Најџел Фараж (на шесто место).

Дополнителниот ангажман е во согласност со правилникот на парламентот ако правилно биле поднесени анкетните листови, но извештајот тврди дека тоа може да биде „сериозен“ конфликт на интереси. Таквото работење на страна исто така ги поттикнува прашањата дали парламентарците ги посветуваат потребното време и енергија на потребите на нивните избирачи и на нивната работа во парламентот на ЕУ.
Истражувањето исто така покажува несоодветен надзор на европратениците надвор од работното место. Од 24 члена што го прекршиле кодексот на однесување на парламентот за надворешни ангажмани во текот на изминатите пет години, во извештајот се вели дека никој не бил казнет за етички прекршок. Според правилникот на Европскиот парламент, на пратениците им е дозволено да имаат надворешен ангажман и да бидат платени за истиот како еден начин „да останат во контакт со нивната професија и потоа да се вратат на претходното работно место кога ќе им заврши мандатот“.

– Неколку европарламентарци имаа и претходно професионален живот, на кој повеќето од нив му се враќаат по крајот на нивниот мандат. Некои од нив беа избрани дури и врз основа на нивниот претходен ангажман и мора да останат во контакт со реалноста на терен. Граѓаните и граѓанското општество можат секогаш да им се обратат на нивните европарламентарци за понатамошни разјаснувања во однос на нивните објавени податоци – изјави портпарол на Европскиот парламент.
Но големи суми, ангажмани во регистрирани организации за лобирање или работен ангажман што почнал за време на мандатот претставуваат „голем ризик“ од конфликт на интереси, се наведува во извештајот. Тие исто така ги спречуваат европарламентарците „да им посветат доволно време и внимание на нивните улоги како избрани претставници“, тврдат авторите.

– Чии интереси претставуваат тие? Интересите на граѓаните или на оние што ги плаќаат настрана – прашува Даниел Фројнд, еден од авторите на истражувањето.
Од 2012 година, од европратениците се бараше да поднесат анкетни листови со нивните надворешни приходи, членства во одбори и финансиски капитал. Иако овие податоци ѝ се достапни на јавноста, тие не се чуваат централно, а надворешните приходи не се наведени во точни износи, туку во широк опсег месечно. Токму овие извештаи, вкупно околу 2.000, беа искористени во извештајот на Транспаренси интернешнел, во кој беше проценета вкупна надворешна заработка од почетокот на работата на Европскиот парламент меѓу 18 и 41 милион евра.

Дури 30 европратеници имаат повисоки приходи од нивната плата од 8.484 евра месечно без надоместоците. Четири европратеници имаат заработено повеќе од еден милион евра од 2014 година. Иако извештајот потврдува дека бројките се изведени од информациите во финансиските извештаи, сепак укажува дека дел приходи на европарламентарците се повисоки од проценетите бројки.

Тројца европратеници ги изменија нивните официјални приходи кога беа контактирани од Транспаренси интернешнел пред објавувањето на извештајот, според невладината организација, поради што групата ги изостави имињата од конечната верзија.
Едно клучно прашање, според извештајот, е транспарентноста за што се дополнителните пари. Според истражувањето, високите приходи се особено загрижувачки кога описот на ангажманот во анкетните листови е ограничен на „консултант“, „адвокат“ или „надворешен соработник“, со што е тешко за секој член на граѓанското општество да ги следи оние што можеби имаат конфликт на интереси.
Пратеникот со втора највисока надворешна заработка по Сору е Антанас Гуга, литванскиот бизнисмен и покер-играч што тврдеше дека нема никакви дополнителни приходи во 2014 година за подоцна да пријави заработка од речиси три милиони евра годишно. Фројнд вели дека Гуга почнал да пријавува толкави заработки „пред околу шест месеци“.

Гуга, кој вели дека „бил богат пред да влезе во политиката“, наведе во еден мејл дека „искуството на многу полиња било една од причините зошто одлучил да влезе во политиката и да го сподели неговото знаење во разни области“ и дека редовно ги ажурира анкетните листови. Во последователен мејл, Гуга наведе дека извештајот вклучувал „неточни информации поради погрешни пресметки“, тврдејќи дека Транспаренси интернешнел погрешно ги акумулирал претходните приходи во неговите процени. Тој изјави дека во неговиот финансиски анкетен лист исто така се вклучени работни ангажмани што биле прекинати. Во ажурирањето на неговите анкетни листови, Гуга сметал дека било важно да ги пријави сите ангажмани, иако некои од нив веќе завршиле.

Третиот на листата е поранешниот белгиски премиер Верхофстад со пријавени приходи од некаде меѓу 920.614 и 1,4 милион евра, како директор на инвестициската холдинг-компанија „Софина“ и дополнителни девет надворешни ангажмани.
Еден портпарол изјави дека Верхофстад „секогаш ги пријавувал неговите ангажмани јавно и отворено“, додавајќи дека лидерот на АЛДЕ е претседавач на ЕИПА (Европскиот институт за јавна администрација), што „едвај може да претставува конфликт на интереси со неговиот мандат како пратеник во Европскиот парламент“. Мандатот на Верхофстад како независен член на одборот на „Софина“ е „во согласност со белгискиот закон од 1995 година, односно со други зборови, тој не управува директно со фирмата, туку ја надгледува“, според портпаролот.

Друг пример е Рено Музелие, поранешен помлад министер во владата на францускиот претседател Жак Ширак и дел од умерената десничарска Европска народна партија. Тој пријави 15 надворешни ангажмани со приход меѓу 816.130 и 1,5 милион евра. Според неговиот финансиски извештај, Музелие заработува како директор на медицинска клиника во Франција и како претседавач на компанијата „Сореп“, која според францускиот весник „Монд“ е „фирма што управува со клиники во Марсеј“. Тој исто така е претседател на регионот Прованса-Алпи-Азурен Брег, кој е еден од најбогатите во Франција.
Поддржувачот на брегзит, Фараж, пријави надворешни приходи меѓу 590.048 и 790.000 евра од радиоемисии за време на неговиот мандат во парламентот, вклучувајќи ја и неговата радиоемисија на Ел-би-си.

Парламентарната група со најголеми надворешни приходи (54 отсто) е Европа на нации и слободи (ЕНФ), која ги сочинува француското Национално единство (поранешниот Национален фронт) и Италијанската лига. ЕНФ е најмалата група во парламентот, а најголемата група, Европската народна партија, е на второ место по бројот на членови што работат како надворешни соработници.
– Има зголемување од 13 отсто во надворешните ангажмани на европратениците од 2014 година. Честопати е невозможно да се знае што работат и кој ги плаќа – вели Фројнд.

Неговото истражување го цитира примерот на францускиот евроскептик, европратеникот Жан-Лук Шафхаузер (член на ЕНФ), кој наведе во неговиот финансиски извештај дека е консултант за МВД Дубаи „за кој нема достапни информации на Интернет за клиентите или областа на активност“, според наведеното во истражувањето. Од 2014 година, тој пријави приходи од 473.520 евра.
По низата злоупотреби, парламентот воведе кодекс на однесување за да ја подобри контролата на надворешните ангажмани и наметна обврска да се пријави секој можен конфликт на интереси. За ова е задолжен претседателот на парламентот Антонио Тајани, но „етичката контрола и натаму е слаба“, се вели во истражувањето, цитирајќи ги европратениците што не ги пријавија патувањата на трошок на странските влади. Имаше само еден случај со опомена (за германскиот европратеник Удо Фогт лани во февруари) и немаше никакви санкции.

– Во текот на изминатите пет години, претседателот на парламентот сметаше дека голем број европратеници го прекршиле кодексот на однесување. Во повеќето случаи, европратениците не поднеле пријава за присуство на настани организирани од трети страни и делумно или целосно платени од страна на третата страна во рамките на рокот. Поради тоа што засегнатите европратеници брзо реагирале, препораките на советодавниот комитет и одлуката на претседателот за овие случаи биле дека не биле потребни понатамошни мерки – изјави портпаролот на Европскиот парламент.

Вкупно 41 милион евра заработиле европратениците од дополнителни ангажмани од 2014 година