ЕУ имаше премногу услови за земјите од соседството, а премалку награди. Таквата политика не даде резултати и создаде нервоза кај властите во тој регион. Западен Балкан хронично пати од нестабилност и потребна е посилна поддршка од ЕУ за да не се повтори состојбата од 1990-тите години, беше кажано на трибината за Балканот

Александар Димковски
(специјално за „Нова Македонија“ од Криница-Здруј, Полска)

Вториот ден од Економскиот форум во Криница (Полска) помина во знакот на проблемот со емиграцијата, како и интеграцијата на земјите од Балканот во Европската Унија. На две одделни дебати, првата насловена Европски соседи или соседи во Европа и втората со работен наслов Балканските земји во Европската Унија, дали е тоа уште можно, беа детектирани сите слабости со кои се соочува регионот и секако беа понудени излезни решенија.

И додека претставниците од балканските земји, како на пример Србија, Црна Гора и БиХ ги промовираа и бранеа своите позиции пред европските претставници, забележливо беше отсуството на политички претставник од Македонија на тркалезната маса. Но и покрај тоа нашата земја не беше изоставена во дискусиите и во повеќе наврати беа споменати европските очекувања од целиот регион, вклучувајќи и од Република Македонија. Така, во Криница-Здруј како генерален заклучок беше посочено дека, кога станува збор за земјите од Балканот, Европа чека големи политички одлуки од властите во Скопје, Белград и во Приштина. Во врска со прашањето за илегалната имиграција заедничка констатација на повеќето соговорници е дека таа мора да биде запрена и дека тоа ќе биде голем предизвик за земјите од ЕУ како и за кандидатите за членство.

– Очекувањата се дека 50 милиони бегалци ќе пристапат во Европа и треба да бидеме подготвени да се справиме со тоа – истакна Рисард Тертецки од Полска.
Некои од учесниците во дебатата искажаа и отворени критики во однос на политиките на ЕУ во однос на мигрантите, но и кон проширувањето.

– ЕУ имаше премногу услови за земјите од соседството, а премалку награди. Таквата политика не даде резултати и создаде нервоза кај властите во тој регион. Западен Балкан хронично пати од нестабилност и потребна е посилна поддршка од ЕУ за да не се повтори состојбата од 1990-тите години кога требаше мала искра да се отвори војна – рече Андрија Николиќ, претседавачка на Комитетот за меѓународни односи во Црна Гора.

Според него приклучувањето на земјите од Западен Балкан во ЕУ до 2025 година е амбициозен и остварлив план, бидејќи и на ЕУ ѝ е потребна нова енергија, која ќе се обезбеди на овој начин и преку владеењето на правото. Како општ впечаток од сите трибини на кои се споменуваше Балканот, секако, беа и големите очекувања, но и стравувања на дискутантите за тоа што ќе донесе дијалогот Белград – Приштина.

– Политичарите имаат две задачи. Да градат соништа и да произведуваат добра реалност. Но кога популистите ќе ја произведуваат реалноста, тоа е хорор. Луѓето во ЕУ и луѓето во Србија и од Косово треба да ги оттурнат политичарите што креираат хаос и чии ставови не се во согласност со европските вредности. Албанците и Србите треба да си ја земат иднината во свои раце – рече Гордана Чомиќ, заменик-претседателка во националното собрание на Србија

Според Миро Ковач, претседавач на Комитетот за надворешни прашања на Хрватска, најважно е Србија и Косово да постигнат договор што ќе биде прифатлив и за граѓаните на двете земји и за ЕУ.

– Спогодбата треба да биде проследена и со резолуција од сите соседни земји со која ќе се гарантира дека нема да има промена на границите. Или доколку има такво нешто тоа да биде ограничено само на Косово и на Србија – нагласи Ковач.

По ова се надоврза Далибор Милош, бизнисмен од БиХ, кој истакна дека 99 отсто од граѓаните на Босна сметаат дека нема простор за промена на границите.

– Има две причини зошто БиХ сака да биде дел од ЕУ. Првата е заради подобар живот за секого и втората заради владеењето на правото и борбата против корупцијата – вели Милош.

На крајот пораката од трибината за Балканот беше дека во моментов прашањето за Косово е најважно, но несомнено иднината на целиот регион е во рамките на ЕУ. Економскиот форум во Криница-Здруј, кој е придружен и со редица други настани, заврши во четвртокот. Според оцените на учесниците, овој 28. форум е најуспешен досега од повеќе аспекти и според бројот на учесници, мноштвото дебати и понудени решенија, но и поради фактот што се случува во едно историско време за цела Европа и за регионот.