Приматот на антинуклеарното расположение над научните факти е одлика на дебатата за нуклеарната енергија во Европа уште од 1980-тите. Паничната реторика е само нов пример за противречниот и самоуништувачки пристап

Самуеле Фурфари

„Академик Ломоносов“, првата пловечка нуклеарна централа на Русија, неодамна пристигна во далечниот сибирски град Певек во арктичкиот регион на земјата. За „Росатом“ тоа е пилот-проект, по кој руската државна нуклеарна енергетска компанија се надева дека ќе успее да распореди флота слични пловила во Русија и на други места, вклучувајќи ги и земјите во развој во Азија и во Африка, на кои итно им е потребна евтина електрична енергија.

„Ломоносов“ почива на долгата традиција на нуклеарни мразокршачи во Северен Леден Океан. Но тој исто така е и исклучителен пример за тоа како малите модуларни реактори (СМР) можат да бидат распоредени полесно, пофлексибилно и поекономично од традиционалните нуклеарни капацитети. СМР го одржуваат ветувањето за производство на чиста енергија не само во далечините региони, туку и во земјите во развој, кои не се опремени да градат нуклеарни централи на копно. Пловечките СМР, исто така, можат потенцијално да се користат во комерцијалниот транспорт во Арктикот: товарните бродови со нуклеарно напојување ќе бидат далеку почисти од оние што се напојуваат со мазут. Освен тоа, растечката економска активност низ целиот Арктик ја зголемува можноста далечните области како Певек да имаат извори на енергија со ниски емисии на штетни гасови.

Иако „Ломоносов“ ќе биде најмалата и најсеверната нуклеарна централа во светот кога ќе почне со производство, таа наскоро може да има конкуренција. Истражувачите во САД, Јужна Кореја, Русија, Франција, Кина, Аргентина, Јапонија и во Индија во моментов работат на околу 50 различни дизајни за СМР. Брзите промени на Арктикот и глобалниот притисок фосилните горива да се заменат со извори на енергија со мали емисии на штетни гасови, ги натераа кинеските, француските и американските истражувачи да им се придружат на руските колеги во процените на можностите за развој на нуклеарната моќ на море. Западните медиуми не успеаја да ја препознаат важноста на „Ломоносов“. Жестоката и погрешна реторика на „Гринпис“ и на другите организации за заштита на животната средина ги сведе медиумските извештаи на појава на нов „нуклеарен Титаник“ или на „Чернобил на мраз“. „Гринпис“, кој отсекогаш се противел на нуклеарната енергија, поради наводните ризици по животната средина и луѓето, ги посочи локацијата на „Ломоносов“ и непредвидливата клима на Арктикот. Групата повторно успеа да ги постави условите за дебата, како и со многу други нуклеарни проекти во изминатите децении. Експертите, пак, посочуваат оти заплашувањето на „Гринпис“ нема научна основа.

Како што постојано се нагласува од експертите во индустријата, нуклеарните реактори на море не се нов концепт. САД користеа бивш товарен брод од Втората светска војна, опремен со нуклеарен реактор, за да произведат електрична енергија за Панамскиот Канал од 1968 до 1976 година, а руската флота на нуклеарни мразокршачи користи ист тип реактори како „Ломоносов“.

Овие реактори веќе ги исполнуваат барањата на Меѓународната агенција за атомска енергија. Всушност, нуклеарните реактори на море би можеле да бидат дури и побезбедни од тие на копно, бидејќи ладната вода го олеснува брзото ладење на единицата при вонредни состојби.

За жал, приматот на антинуклеарното расположение над научните факти е постојана одлика на дебатата за нуклеарна енергија во Европа од 1980-тите. Во 1997 година, на пример, Франција го напушти својот напреден нуклеарен проект „Суперфеникс“ зашто тогашниот кандидат за премиер бараше поддршка од зелените за да формира влада. Две децении подоцна, Франција сè уште не ја развива технологијата. Неодамна, Комисијата за алтернативни енергии и атомска енергија донесе одлука да се откаже од напредниот технолошки нуклеарен реактор (АСТРИД), кој почна да функционира во 2006 година како за замена на „Суперфеникс“. Потклекнувајќи под антинуклеарниот притисок од групите како „Гринпис“, западните лидери не успеаја да одржат чекор со Русија и со Кина. Руски „Росатом“ веќе е глобален лидер во промовирањето на нуклеарната енергија во економиите во развој и тој има над стотина проекти во разни земји, вклучувајќи ги и Индија, Кина и Белорусија. Алармантната реторика што ја блокира денешната нуклеарна технологија е погрешна. Таа го истакнува контрадикторниот и самоуништувачки пристап на некои западни лидери кон најголемиот и најсигурен извор на енергија со ниски емисии на штетни гасови.

Меѓувладиниот панел за климатски промени на ОН посочува дека производството на нуклеарна енергија е на второ место според неутралноста на јаглеродни емисии, по ветерниците, со просечна емисија на јаглероден диоксид од само 12 грама при производство на еден киловат-час електрична енергија. Затоа, оние што се загрижени за емисиите на штетни гасови би требало да претпочитаат нуклеарна енергија во однос на фосилните горива како јаглен (820 г/квч) или природен гас (490 г/квч). Нуклеарната енергија, исто така, е почиста од биомасата (230 г/квч), сончевата енергија (48 г/квч и хидроенергијата (24 г/квч). Покрај тоа, нуклеарната енергија ги нема проблемите со непостојаноста што ги мачат ветерната и сончевата енергија и предизвикуваат постојани зголемувања на цените кај потрошувачите. Овие разлики се спротивни на енергетските политики на германската канцеларка Ангела Меркел, која сака да ги зголеми капацитетите на обновлива енергија додека земјата постепено се откажува од нуклеарната енергија. Германската енергетска политика често се нагласува како водечка одржлива политика во Европа. Сепак, во брзањето на Германија да се откаже од нуклеарната енергија по нуклеарната хаварија во Јапонија во 2011 година, енергетскиот сектор на земјата мораше да се потпира на јаглен.

Притисокот од германските еколози помогна во донесувањето на оваа одлука, но ако Германија користеше нуклеарна енергија наместо јаглен, таа годишно ќе ослободуваше приближно 220 милиони тони јаглероден диоксид помалку. Всушност, од 1990 година, Германија успеа да постигне само бавен, нерамномерен пад во однос на емисиите на јаглероден диоксид наспроти повеќекратниот пораст на обновливите извори на енергија. Додека Германија продолжува да се откажува од нуклеарната индустрија, „Академик Ломоносов“ го истакнува потенцијалот за нуклеарна енергија на Арктикот. На Европа ѝ е потребна дебата за нуклеарната енергија заснована на факти, а не на страв.

Авторот е професор на Слободниот универзитет во Брисел