Цела година немаме свој живот, се жалат многу евробирократи во Брисел. Тие тврдат дека работат под силен притисок да ја завршат легислативата пред европските избори наредната година

Брисел брза да заврши со подготовките на легислативата пред да истече мандатот на актуелниот состав на Европскиот парламент и на Европската комисија во 2019 година, а европските функционери и дипломати се жалат дека потклекнуваат под големиот притисок.
Во моментот изгледа како работата да не е ни приближно завршена, а австриската влада, која почна да претседава со ЕУ на 1 јули, вели дека „станува збор за над двесте предмети“. Беа ангажирани преведувачи и дополнителен кадар за вонредните состаноци, кои се одржуваат мошне доцна навечер за да се заврши работата што Брисел смета дека е клучна за иднината на Европа, како што е новиот буџет по 2020 година и новите регулативи за азил.

Австрискиот амбасадор во ЕУ, Николаус Маршик, вели дека во наредните 180 дена, колку што неговата држава ќе претседава со Унијата „е невозможно да се завршува по еден предмет на ден, дури и ако се работи многу брзо и напорно“.
Покрај итноста, во ЕУ владее хаос во членството и со работните места што создава нешто што еден европски функционер го нарече „многу мал простор“ за да се заврши работата. Британија го напушта блокот на крајот од март следната година, потоа од 23 до 26 мај следуваат изборите во Европскиот парламент и треба да се избере нов претседател на комисијата и на Советот до ноември идната година.
Една европска службеничка се пожалила дека „нема живот“ и дека истиот тој ѝ замрел пред една година. Цело време само спиела, работела и дури се случувало да пие пет шолји кафе и да има два оброка дневно.

Иако европратениците и членовите на Советот признаваат дека нивниот обем на работа секогаш се зголемува во предизборната година, многумина се борат да се справат со притисокот на преговорите, усвојувањето и преведувањето на клучните законски рамки што се донесуваат во последен момент, како и европскиот буџет по 2020 година за само 11 месеци.
Покрај тоа, европските функционери и дипломати се загрижени дека изборите во ЕУ ќе создадат наплив на евроскептични пратеници во парламентот, кои ќе сакаат да ја нарушат нивната работа. Еден функционер од парламентот изјави дека „постои страв дека антиевропските сили ќе сакаат да ревидираат дел од законите, особено за повеќегодишната финансиска рамка (МФФ)“.
Во изминатите неколку години, комисијата го преструктурираше регулаторниот процес на ЕУ и многу од вработените изјавија дека оствариле поголем дел од нивната работна програма за 2018 година. Сега од Советот и од парламентот зависи дали ќе се усвојат над 246 закони, според бројките на парламентот. (Парламентот вкупно ќе треба да прегледа 484 текста, вклучувајќи законски предлози, консултации и процедури за одобрување.)

Исто така постојат дополнителни 26 предмети, од кои повеќето содржат предлози за буџетот. За споредба, парламентот гласаше за 70 законски процедури од јули до декември 2009 година, а 203 законски процедури беа изгласани на пленарната седница од јануари до април 2014 година.
Австриското претседателство за наредните шест месеци се подготви за околу 300 можни „трилогии“, односно форматот според кој се изработени повеќето клучни предлог-закони.
Една значајна причина за усвојување на претстојната легислатива пред последната пленарна седница закажана за крајот на април идната година е што, според законите на Европскиот парламент, секоја недовршена работа „ќе се смета за застарено дело“ и би можела да заврши во историјата. (Конференцијата на претседатели, која се состои од лидерите на парламентарните групи, има одредена слободата да одлучи да ги обнови или продолжи недовршените обврски“.)

Настојувањата за побрзо да биде завршена работата се видливи во желбата на Мартин Селмаер, новиот генерален секретар на комисијата, да усвои што повеќе од агендата на Жан Клод Јункер пред да ја напушти функцијата в година.
Во едно писмо до комисијата по неговото назначување во февруари, Селмаер наведе дека следните 20 месеци „ќе бидат клучни за да се испочитува нивната посветеност“, додавајќи дека над 80 отсто од целите на Јункер биле постигнати, но дека „има уште многу да се работи“.
Друга силна мотивација е притисокот од националните лидери. Некои лидери, вклучувајќи ја Ангела Меркел, јасно нагласија дека сакаат да се усвои седумгодишен буџет (или повеќегодишна финансиска рамка) пред изборите во ЕУ. Жан Артуи, францускиот либерален европратеник и претседавач со буџетскиот комитет, наведе дека обемот на работа е „огромен“ и изјави дека побарал „двајца дополнителни соработници за да работат на буџетските прашања“.
Сесилија Викстром, шведската европратеничка, која е на чело на претседавачката комисија на парламентот, порача дека има набиен распоред делумно поради тоа што „предлозите на комисијата за МФФ стигнале многу доцна. Покрај тоа вклучени се многу повеќе комисии од претходно и затоа е потребно време за организација“. Таа исто така додаде дека за време на последниот вонреден состанок луѓето работеле „до десет часот навечер“.

Иако ова не личи на ропство за луѓето вработени во приватниот сектор, некои европски преведувачи, кои се трудат да се справат со политичките иницијативи, кои варираат од миграција до посебен буџет за еврозоната или данок на добивка кај мултинационалните компании, навистина имаат право да се жалат дека имаат многу работа.
Еден преведувач од ЕУ, кој сакаше да остане анонимен, изјави дека имале огромен обем на работа во мај и во јуни и притоа работеле со намален кадар. Некои од неговите колеги морале да работат 12 последователни дена, а другите биле повикани да работат и на празници. Член на синдикатот на Унијата, односно главниот синдикат на граѓански службеници во ЕУ, наведе дека некои преведувачи дури не се сигурни дали ќе им се дозволи да заминат на годишен одмор летово.
Клод Морајс, британски европратеник што претседава со комитетот за граѓански слободи, правда и внатрешни работи и кој ги надгледува клучните закони како што е ревидирањето на правилата за миграција, порача дека работел „прекувремено по седум дена во неделата“, а за викендите дома се подготвувал за „работните задачи за наредната недела“. Тој вели дека луѓето толку се исцрпени што и по неколкунеделна постојана работа на техничките предмети, кои на крајот завршувале како блокирани.