Еволуција или револуција

Потребно е да се има намера – желбата не е таа што води до остварување на целта, намерата е таа што ве води до таа цел. Желбата е насочена кон самата цел, а намерата, пак, кон патот до целта. Затоа не оптоварувајте се со целта, туку уживајте на патот до неа, бидејќи ако уживате во целиот процес до остварување на целта, значи дека се наоѓате на вистинскиот пат, но ако се борите грчовито само за да дојдете до неа, тогаш таа цел не е за вас

Секому од нас барем еднаш во животот му се случило да влезе во рутина од која очајнички сака да излезе. Чувствувате дека ви е потребна промена и посакувате нешто поразлично, но не знаете како да стигнете до него. Сите некогаш сме биле заглавени, дали во лифт, сообраќајна турканица или во својот сопствен живот – и тоа не е проблем, проблемот настанува кога не реагираме, „заспиваме“ и така си остануваме заглавени. За секој процес на промена и за секое закрепнување потребно е да станеме свесни за проблемот и да си признаеме што е тоа што нѐ мачи. Битно е да се разбудиме и да се освестиме. Треба да сме свесни што всушност сакаме, што е тоа што нѐ спречува да го оствариме и кои се чекорите што треба да ги преземеме за да промениме нешто. Направете пауза – вдишете длабоко и за момент само набљудувајте. Ќе видите дека решението ќе дојде.

Многумина од нас „се губат“ зашто посветуваат премногу внимание и им даваат преголема важност на некои работи, па ја губат свесноста и ги обзема грижа и страв дали ќе успеат. Исклучете ги надворешните пречки и влезете во самите себе, слушнете се себеси и состојбата во која се наоѓате. Некои работи едноставно се чувствуваат. Пронајдете нов агол на перцепција – ако сфатите дека некој начин не ги дава посакуваните резултати, време е да го промените начинот. Не може да очекувате дека ќе постигнете нешто ново ако одите по стариот пат и ги користите старите начини. Бидете отворени за најразлични опции.

Новиот агол на перцепција отвора нови светогледи и нови опции. Не држете се очајнички за она што веќе го знаете, истражувајте и учете нови нешта и техники. Потребно е да се има намера – желбата не е таа што води до остварување на целта, намерата е таа што ве води до таа цел. Желбата е насочена кон самата цел, а намерата, пак, кон патот до целта. Затоа не оптоварувајте се со целта, туку уживајте на патот до неа, бидејќи ако уживате во целиот процес до остварување на целта, значи дека се наоѓате на вистинскиот пат, но ако се борите грчовито само за да дојдете до неа, тогаш таа цел не е за вас. „Олабавете“ ја контролата и дозволете да дојде до промена – повеќето луѓе сакаат да држат сѐ под контрола, а тоа често знае да доведе до чувство на фрустрираност и така да создаде контраефект. Претераната желба да контролираме сѐ и да управуваме и со најситните детали може само да ни наштети. Опуштете се малку, некои работи сами од себе се средуваат и си доаѓаат на своето место, важни се намерата и трудот. Една неверојатна личност ми кажа дека ако нема еволуција, тогаш доаѓа до револуција. И затоа нема веќе чекање, време е да се преземе нешто.

(www.nedeljnik.rs)