Духот на провинцијата

Најлесната работа за еден (уморен или мрзлив) колумнист е да се препушти на инерцијата, па под влијание на секојдневното рециклирање на глупоста да ги коментира непресушните недоветни изјави и вербални вратоломии на лицата што дефилираат на јавна сцена. Тука спаѓаат политичарите, аналитичарите (што тоа и да значи) и новинарите, кои неретко се појавуваат и како аналитичари, па и интелектуалци… За волја на вистината, пошироката јавност е веќе зависна од таквата „дебата“, затоа што е програмирана да внимава на тоа кој што рекол, каква „зелена“ скинал, што сакал да каже со тоа… Наместо некаков заклучок или суд, сѐ завршува со сеир или (зло)радост, кои траат до наредниот бран на наводната дебата. Живееме во време на естрадизација на политичкото (политичкото сфатено во позитивна смисла на зборот, но кое и самото заталкало од своето оригинерно значење), кое завршува во идиократија. Да појаснам за тие што не знаат: под идиократија се подразбира владеење од страна на будалетинки, или преземање дејства/акции, кои произлегуваат од уверувања што не се баш умни. Во таквиот систем не е проблемот само што владетелите не се најумните (како што замислувал Платон), туку во тоа што популацијата е заглупавена (затапена) и доведена во ситуација да не прави разлика или ѝ е сеедно кој и каде ја води. Тоа добро го опишува наслов на еден американски автор, кој парафразирајќи ја изреката на Џеферсон за демократијата, зборува за „власт на глупавите, од криминалците, за корпорациите“. Да се разбереме, тоа не секогаш има врска со личните капацитети и интелигенцијата; филозофијата и психологијата на масите/општествата е нешто сосема друго што се моделира под инакви законитости. Тоа е феномен не само на национален/регионален/локален план, туку и на глобален. Единствената разлика е што додека да стигнат на периферијата глобални тенденции ја губат острината и стануваат уште покарикатурални и попатетични. Естрадизацијата прави сето тоа полесно да се проголтува, па дури и вулгарностите и елементарната непристојност на политичарот на сцена да се сметаат за забавна програма. Што би рекол премиерот, сакав да бидам народен, природен…

Проблемот е што тој е навистина природен, што поприроден не може ни да биде. Естрадизацијата на луѓето од правосудство, пак, е сосема друга (тажна) сцена.
Зачувувањето на менталното здравје бара дистанцирање од секојдневието. Евентуалната анализа на случувањата, за да има логика, мора да се смести во поширок (главно, геополитички) контекст. Да анализирате што рекол премиерот или неговиот опонент, уште повеќе нивните портпароли, и уште да очекувате дека тука има некаква длабока порака, е бесмислен потфат. Исто толку бесмислено е да се очекува со разумни и практични решенија да се подобри она што е системска одлика. Тоа е како да се обидувате да ја навадите пустината со кофи вода, со надеж дека ќе ја претворите во плодна почва. Не станува збор за грешки во персоналните решенија (на највисоко ниво или на ниво на советници), или за козметички подобрувања на машинеријата, која веќе докажала дека е перпетуум-мобиле во својата категорија, онаа што ѝ е наменета. Идиократијата постои со добра причина, а неа најдобро ја знаат моќните, оние што ги влечат невидливите конци на папетите, кои забавуваат и преокупираат.

И површен поглед на она за што дебатираат посериозните општества покажува листа на теми, кои овде и не постојат ниту имаат шанси да предизвикаат интерес. На пример, интересот за Нобеловата награда заврши во моментот кога стана јасно дека Заев нема да биде носител. Но и покрај сета дискутабилност и контроверзност на Нобеловата награда во различните категории, таму некаде паметни луѓе ја коментираат – затоа што не се затворени во балканската крчма. Искрено, со недели се обидувам да ја наметнам таа тема и да ја обработам во колумна. На пример, не е проблем што наградата за мир не ја добиле Заев и Ципрас (номинацијата беше чист политички маркетиншки трик), туку што ја добива претседател на африканска држава затоа што го правел она што се очекува од политичар во нормална држава. Но откако воени злосторници станаа нејзини носители, па ЕУ за дела од пред 70 години, а Обама за (наводни) идни мировни акции, ова не е никакво чудо. Нобеловата награда за економија е многу поиндикативен случај: ја добија научници што дошле до сознанија како човештвото да се справи со еден од најгорливите проблеми: со сиромаштијата!

Едвај некој и да забележа дека научните резултати се добиени со проучување на однесувањето на сиромашните (во Индија, т.е. во земјата во која Ганди кажа дека сиромаштијата е најстрашниот облик на насилство). Така, наместо да се истражува однесувањето на оние 1 отсто богати и начинот на кој тие го стекнале и зголемуваат своето богатство, се изучуваат нивните жртви. Со други зборови, сиромашните се виновни за својата состојба, а не системот што им ја одредил таа позиција. Затоа, Пикети нема никогаш да стане Нобеловец. Најголема возбуда, сепак, предизвика Нобеловата награда за книжевност, односно добитникот Петер Хандке. Одеците не стивнуваат, иако кај нас не видов ниту еден осврт и став за делото и личноста на овој контроверзен и генијален писател. Не е ни чудно за нација што не чита, а во која дури и Зоки Поки се екранизира, а во која и бројот на неписмени е во постојан пораст. Сепак, ќе беше знак на некаква нормалност барем да нѐ допреше здивот на дебатата во која се кршат копја, дали може/смее да се награди писател што не е светец (во политичка смисла). Дали награда за книжевност може да добие морално и политички неподобен човек? Гревот на Хандке е што во 1990-тите најнапред стои на страната на СФРЈ наспроти Западот (сметајќи дека таа се растура однадвор), а потоа се осмелува да каже дека Милошевиќ не е (нај)црниот ѓавол во приказната, т.е. Србите не се единствени виновници. Врвот на неговото некнижевно дело е појавувањето и држењето говор на погребот на Милошевиќ. Познати борци за човекови права, кои молчеа кога нобеловецот Обама војуваше (како и за тие пред него и по него), сега врескаат дека одбиваат да ги читаат неговите книги. И не само тоа: тешко на некој што ќе ги прочита и тие ќе му се допаднат. Анатема! Целата дискусија се води околу сѐ освен околу неговото неверојатно книжевно дело. Да биде апсурдот поголем, од неговите многубројни дела, само една третина е преведена на светските јазици – а малкумина читаат изворно, на германски – а книжевните врвови ги достигнува уште пред распадот на СФРЈ. Во меѓувреме чини сѐ за да не ја добие наградата, (т.е. да биде сам против сите.) Еден од храбрите е хрватскиот писател Миљенко Јерговиќ, против кого само ден потоа беше распишана потерница во регионалните медиуми. Не верувам дека мнозина се заинтересирани за претставување на неговото дело во колумна (ниту дека ќе побрзаат да го прочитаат), но со сиот ризик ќе кажам дека меѓу луѓето на кои им должиме најмногу како човештво малкумина биле светци. Всушност, малкумина биле добри луѓе. (Да не мислите дека критичарите на Хандке и на Милошевиќ се по дефиниција доблесни и морални?). Голем број од тие што најмногу го задолжиле човештвото и оставиле белег на она што сега го сметаме за цивилизациска вредност, биле или гадови или душевно болни. Она што застрашува во сета хистерија (која нас во оваа тешка провинција не нѐ ни допира ни засега) е силната тупаница на политичката коректност, т.е. новата морално-политичка подобност. Ако сте вљубеник на книжевната реч го цените Хандке, тоа ве прави приврзаник на Милошевиќ, т.е. легитимен предмет на линч и превоспитување. Хандке ми е само повод за посочување на ужасот на (само)цензурата, на „моралните свештеници“ и „полицијата на мислите“, која внимава како и за што размислувате, што треба да се почитува, а што не. Тие не само што наметнуваат критериуми туку и делат пресуди за колективна вина. Еден запален автор напиша дека (парафразирам) ниту наградата за Хандке, ниту сите трофеи на Ѓоковиќ (sic!), нема да ја избришат вистината за српскиот народ. Раните се не само незалечени, туку и вистината е искривена до степен во кој писателот станува заговорник на геноцид, па дури и негов (симболички) извршител. На хорот му се придружија голем број НВО со барања за промена на одлуката на Нобеловиот комитет.

Ако на ова се додаде и скорешниот линч на хрватскиот новинар Станковиќ поради незгодни прашања на активистка против насилство врз жените („Недјељом у два“), се наметнува заклучокот дека е можеби побезбедно или да се молчи, или да се аминува неолибералната религија дури и кога се коси со здравиот разум, или да се ужива во наводните (идиократски) дебати, кои се однесуваат само и само на провинцијата. Таа е вљубена сама во себе, самодоволна и во наводен дијалог самата со себе. Овде „дебатата“ е правоверна: сите се натпреваруваат кој е поголем Европеец. Помудро ќе биде да премолчам дека ниту ѝ се восхитувам на ЕУ, ниту на помодните западни трендови, а дека симпатиите и сочувството ми одат кон отпадници, политички идиоти и антихерои како Хандке или Џокерот, кои одбиваат да се вклопат во она што го наметнува средината.