Најдобрите стрелци на Ливерпул и на Рома сезонава: Салах и Џеко

Ливерпул не е поразен на последните 14 меча во ЛШ, од тоа шест дома (вкупна гол-разлика 16-3), на кои не прими ниту еден гол, а постигна 13. Рома, пак, на петте меча дома сезонава има гол-разлика 8-0. Двата тима вечерва се среќаваат на „Енфилд“ во првиот меч од полуфиналето на ЛШ

Доколку некој во почетокот од сезоната во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), прогнозираше дека една од полуфиналните двојки ќе биде Ливерпул – Рома, тоа веројатно ќе беше протолкувано како пуста желба. Но понекогаш се случуваат и неочекувани работи, и тоа двојно, бидејќи како изненадување се сметаат пласманите во завршницата и на Ливерпул и на Рома. Ова особено што тие во минатата четврт-финална рунда за противници ги имаа фаворитите на хартија, Манчестер сити, односно Барселона.
Вечерашното полуфинале на стадионот „Енфилд“ (20.45 часот) е како создадено за Ливерпул, кој се смета за фаворит за триумф, особено на првиот натпревар. Но ако треба нешто да научат од искуствата на Барселона и на Шахтер, тоа е дека во Рим, пред своите навивачи, Рома може да го надигра и да го совлада секој противник.

Ливерпул според прикажаните игри и резултати сезонава во ЛШ, наполно заслужено е меѓу четирите најдобри тимови во ЛШ. „Црвените“ се единствената непоразена екипа во годинашната кампања (шест победи и четири ремија) со вкупна гол-разлика 33-10 (10-1 во нокаут-рундите). Тимот е без пораз на последните 14 меча во ЛШ, од тоа шест дома (вкупна гол-разлика 16-3), на кои на последните четири меча не прими ниту еден гол, а постигна 13.

„Црвените“ (европски прваци во 1977, 1978, 1981, 1984 и во 2005 година) досега одиграа 193 меча во ЛШ/КЕШ (108 победи, 45 ремија и 40 порази) со гол-разлика 360-162. Зад Рома, пак, се 101 европски меч, со ефект од 36 победи, 38 порази и 27 ремија, и гол-разлика 128-141. Рома на 10-те меча сезонава во ЛШ забележа пет победи, трипати беше поразена, а два меча одигра нерешено, со вкупна гол-разлика 15-12. Но она што импресионира е тоа што Рома на домашен терен во ЛШ нема примено ниту еден гол. Во групната фаза во Рим беа совладани Челси со 3-0 и Карабах со 1-0, а, мечот со Атлетико заврши без голови. Во осминафиналето беше победен Шахтер со 1-0, а потоа во четврт-финалето и Барселона со 3-0.
Во второто полуфинале утре играат Баерн и Реал Мадрид.