Сите натпревари на претстојното СП во Русија ќе бидат пренесувани во живо на Македонската телевизија (МТВ). Оттаму информираат дека проектот ќе биде насловен како и оној од пред четири години и нема да претрпи поголеми промени.
– И годинашниот проект, како и оној од пред четири години, ќе биде ословен како „Мундофорија“. Истиот ќе се состои од секојдневна анализа на натпреварите што се одиграле тој ден, потоа ќе имаме и секојдневна централна вечерна емисија, која ќе почнува во 19.15 часот, а на која стандардно ќе имаме како гости фудбалски стручњаци и спортисти, кои, пак, ќе дадат свој коментар, анализа за она што се случува на СП. Покрај разните фудбалски занимливости од Русија, на крајот на секој изминат ден, поточно од 23.30 часот ќе следува и кус преглед за секој изминат натпревар во денот во време траење од 15 минути по меч. Пред почетокот на СП, ќе бидат целосно репризирани и финалните средби од последните две СП – ни изјави новинарот на МТВ, Драган Николовски.