Сеопштата слика во нашата држава во овој период е зафатена со грандиозната афера „Рекет“, која очигледно длабоко ја потресува (веќе и онака потресената) РС Македонија! Македонските граѓани очекуваат дека со рaсчистувањето на оваа „несреќа“, конечно ќе се уреди (секако и со сесрдна помош од ЕУ!) руинираниот таканаречен „третиот столб“ на државата – правосудството!
Со овој мој напис сакам да обрнам сериозно внимание кон еден друг разнишан „столб“, еден од првите столбови на државата, а тоа е крајно деструктурираната, нефункционална и скапа државна администрација!

Според сознанијата и искуствата од досегашното функционирање на работите од областа на државната администрација, јавните државни претпријатија и установи, накратко може да се каже дека сите владејачки политички структури на некој начин (некој помалку некој повеќе) ја „силуваа“ и „напумпуваа“, како по структура, така и со свои, не секогаш соодветно образовани и квалитетни луѓе. Така што отворено се изјаснија некои водечки луѓе дека кога ќе дојдат (повторно) „на власт“, ќе постават свои кадри од портир до министер! Што е многу – премногу е!
Живееме веќе длабоко навлезени во 21 век, ваквиот паушален и хаотичен пристап и лов во матно во оваа битна област на функционирање на државата е, најблаго кажано, недозволен и штетен! Очигледно е дојдено до состојба итно да се оперира овој „туморозен канцер“, а тоа е потребата за темелно утврдување на Уставот, со кој целосно треба да се регулираат структурата и функцијата на државната администрација, јавните државни претпријатија и установи.

Во светот многу држави во минатото, откако го искусија овој вид „тумор“, најдоа лек и темелно го решија! Тоа, според мои сознанија, најдобро го реши Франција. Имено, некаде на почетокот на седумдесеттите години од минатиот век, како одраз на големото незадоволство од тешката економска состојба и бремето на бирократизираните влади, кои се менуваа често, придонесе во Франција да дојде до експлозија. Почнаа масовни демонстрации, со што Франција во целост беше блокирана (парализирана) со денови! Се плати неверојатно скапа цена!
Откако по една недела стивнаа тие демонстрации, Франција најде сили да ги ангажира сите релевантни и плодотворни кадри од највисок степен, од сите области на животот. Меѓу главните решенија што ги донесоа и бргу ги применија, практично две од нив беа особено важни.
Кои беа тие две значајни решенија?
Првото решение се однесуваше да се конституира устав за сеопфатно функционирање на државната администрација и јавните претпријатија. Тоа придонесе строго да се спречи секаква интервенција на владејачките партии во однос на интервенции во кадровската структура на државната администрација и јавните претпријатија (освен, чинам, во поставеноста на директорите во нив). Се изнесе дека немало речиси никаква можност во согласност со тој устав (со пропишаната методологија и описи на работните функции и сл. во него) да се вработуваат лица што не соодветствуваат за одреденото работно место.
Второто решение претставуваше еден сериозен предлог и барање кон сите стопанственици, особено кон акционерските друштва во севкупниот стопански живот во Франција, во склоп на нивните друштва, да создадат поволни услови за откуп на акции од страна на нивните вработени. Со ова секако се дадe можност на многу од вработените да откупат, додуша мал дел од акции, но тоа претставуваше поттик за остварување позитивни резултати во работењето на компаниите. Јас тоа упростено би го изразил како примена на еден мал дел од „Капиталот“ на Карл Маркс!
Како заклучок, сметам дека е крајно време, особено нашата законодавна власт, да посвети сериозно внимание за примена на вакви коренити мерки – за да се застане на патот на ловот во матно, а на штета на народот и на државата.

М-р Цветан Таневски-Цони,
дипл. град. инж.