ЕУ досега се прошируваше во повеќе бранови, а полека почна да го интегрира и Балканот. Но во 2019 година, ЕУ првпат во својата шестдецениска историја ќе загуби една членка наместо да прими нови. Брегзит, како и подемот на евроскептичните сили, е нов егзистенцијален тест за Унијата, која одново ќе треба да докажува дека може да им одолее и на најмрачните прогнози

Проширувањето на Европската Унија е доказ дека европскиот сон живее. Новите членки и аспирантите за членство во евроклубот се само уште еден показател дека ЕУ е релевантен и атрактивен проект што не ја губи својата важност и по шест децении. Ова е еден од клучните аргументи на европските лидери и бирократи кога ја објаснуваат важноста на ЕУ за целиот Стар Континент. ЕУ досега се прошируваше во повеќе бранови и во повеќе краеви од Европа. Унијата почна полека да го интегрира и Балканот, а нејзините челници тврдат дека е заинтересирана за уште членки, иако можеби анкетите на јавното мислење во моментот го покажуваат спротивното. Но 2019-та е година на брегзит. На 29 март 2019 година, ЕУ првпат во својата историја ќе загуби една членка наместо да прима нови. Брегзит, но и подемот на популистичките и евроскептичните сили, е нов егзистенцијален тест за ЕУ, која во изминатите години докажуваше дека може да им пркоси на најмрачните сценарија.
Долг е списокот на нарушувачи на процесот на брегзит, но Лондон и Брисел ќе сторат сѐ што можат за да ги минимизираат економските ефекти од излегувањето на Британија од ЕУ, оценува американски Стратфор.

Прв избор на Лондон ќе биде да си замине со сеопфатен договор за брегзит, но можеби ќе биде потребно повеќе од едно гласање за да се убеди британскиот парламент да го поддржи договорот. Ако пратениците го ратификуваат договорот, Британија ќе остане во единствениот пазар на ЕУ и во 2019 година. Но дури и да го одбие парламентот, Лондон и Брисел сепак ќе постигнат привремени договори, за да се спречи што е можно повеќе економското нарушување. Таквите мерки би можеле да содржат продолжување на периодот за преговори според членот 50 од Лисабонскиот договор, за да се одложи британското излегување. Сепак, евентуалното вето на британскиот парламент ќе ја наруши логистиката на билатералниот однос (од трговија и комерцијални летови до миграцијата). За да биде брегзит уште понепредвидлив, актуелната британска влада би можела да падне во секој момент од преговорите, по што ќе бидат распишани нови избори.

Без разлика на тоа како Обединетото Кралство ќе се збогува од европското семејство, Британија и ЕУ ќе разговараат за конечен трговски договор по брегзит, а Лондон ќе преговара за слободна трговија со другите земји, вклучувајќи ги и САД. Земајќи ја предвид нивната сложеност, овие преговори најверојатно ќе траат и по 2019 година.
ЕУ нема да потпише сеопфатен договор за слободна трговија со САД во 2019 година, но ќе биде отворена за разговори за поскромен договор, кој ги покрива индустриските производи, оценува Стратфор. Брисел исто така ќе биде отворен за преговори за елиминација на некои тарифни бариери за трговијата. Со овие потези, блокот ќе се обиде да ги разубеди САД од воведување повисоки тарифи за возилата произведени во ЕУ. Ако Белата куќа ги зголеми тарифите, Унијата ќе возврати со контрамерки. Во исто време, ќе се обиде да ги задржи САД во мултилатералните форуми, како што е Светската трговска организација, и ќе ја поддржи Белата куќа кога ќе врши притисок врз Кина за прашања како што се државните субвенции и ограничувањата за странски инвестиции.

ЕУ ќе продолжи да бара други опции со земји како Австралија и Нов Зеланд, јужноамериканскиот трговски блок Меркосур, па дури и да се обиде да отвори нови извозни пазари во Јужна и Источна Азија.

Истовремено, Брисел ќе гледа на Пекинг како контратежа на САД, кога станува збор за одбраната на мултилатерализмот. Но големите економии, како Германија и Франција, ќе се противат на кинеското влегување во Европа, особено во чувствителните области, како технологијата и инфраструктурата, додека помалите држави ќе бидат отворени за кинески инвестиции, во обид да ги зајакнат своите економии.

Се очекува изборите за Европскиот парламент во мај да резултираат со поделено законодавно тело, во кое проевропските партии ќе ја задржат контролата, но националистичките и евроскептични сили ќе имаат голема поддршка. Овие поделби ќе го отежнат носењето нови закони и правила. Изборот за нов претседател на Еврокомисијата ќе доведе до идеолошки расправии во рамките на блокот. Конзервативна комисија најверојатно ќе се фокусира на прашања како трговски договори и намалување на имиграцијата надвор од блокот, додека, пак, една прогресивна комисија најверојатно ќе се фокусира на поголема економска кохезија во ЕУ.

Јужна Европа ќе притиска за комисија што промовира поголемо трошење и подлабоко споделување ризик низ блокот, а Северна Европа ќе инсистира на тело што промовира фискална дисциплина и намалување на ризикот. Владите на ЕУ исто така ќе изберат нов претседател на Европската централна банка. Југот ќе продолжи да инсистира на експанзионистичките монетарни политики на банката, а северот ќе притиска за укинување дел од нив. Истовремено, регионалните спорови ќе го забават процесот на носење политички одлуки, намалувајќи ги шансите за позначителни реформи во ЕУ.

Додека владејачките партии во Германија се обидуваат да се разделат, политиката на државата ќе биде дополнително растегната кон лево и кон десно. Конфликтот во Владата ќе ја намали нејзината ефикасност и може да доведе до предвремени избори. Новото гласање ќе доведе до фрагментиран парламент и комплицирани коалициски разговори, дополнително намалувајќи ја лидерската улога на Берлин во ЕУ.

Во Франција, обидите на Владата за институционални и економски реформи, вклучувајќи ја и измената на пензискиот систем, ќе доведат до нови протести, кои може да ја нарушат економијата. Париз ќе успее во имплементирањето на повеќето планови, но граѓаните ќе бидат сѐ погласни во отфрлањето на владините политики. Домашните проблеми и зависноста на Франција од помош од други земји за политиките во ЕУ ќе го ограничат влијанието на Париз во европските работи.

Државите во Централна и Источна Европа ќе ја искористат глобалната ситуација за да ги зачуваат и евентуално продлабочат своите политички и воени врски со САД. Белата куќа ќе се фокусира на Полска и на Романија за зголемување на американското присуство, па дури и да послужат како домаќини за американските ракетни системи, во период на интензивирање на трката во вооружување со Русија. Во исто време, Полска, Унгарија и Романија селективно ќе ги предизвикуваат институциите и правилата на ЕУ, без притоа да направат нешто што ќе го загрози нивното членство во Унијата.

На европските избори се очекува подем на евроскептиците