ИСТОРИЈАТ НА СВЕТСКИТЕ ПРВЕНСТВА ВО КОШАРКА (9)

Во Кина (31 август – 15 септември) ќе се одржи 18. Светско првенство (СП) во кошарка. Во пресрет на овој голем спортски настан, во неколку продолженија накратко потсетивме на историјатот на мундо-баскетот

Турција била домаќин на Светското првенство (СП) во 2010 година, со вкупно 24 репрезентации поделени во четири групи, а првите четири од секоја група се пласирале во втората фаза. Во групата А, Србија, која првпат настапи како самостојна држава, била прва, Аргентина втора, Австралија трета, а четврта Ангола, која непријатно ја изненадила Германија. Во групата Б, САД убедливо биле први, пред Словенија, Бразил и Хрватска. Во групата Ц, домаќинот бил прв, пред Русија, Грција и Кина. И во групата Д, Литванците биле лидери, пред Шпанија, Нов Зеланд и Франција.

Во четвртфиналните дуели Србија ја победила Шпанија (92-89), Турција со 95-68 била доминантна против Словенија, а фаворизираните САД славеле против Русија, со 89-79, додека Литванците со убедливи 104-85 ја совладале Аргентина. САД во првото полуфинале, предводени од Кевин Дурант (38 коша), биле поуспешни од Литванија со 89-74, додека во второто полуфинале Турција славела над Србија, со 89-74. Во мечот за бронзата, Литванија ја победила Србија со 99-89. Американците во финалето во Истанбул (15.000 гледачи) рутински ги надиграле Турците со 81-64.

МВП на СП бил Кевин Дурант, а прв стрелец Аргентинецот Луис Скола, со 27 поени во просек по меч. Покрај нив, во најдобрата петорка влегле Србинот Милош Теодосиќ, Турчинот Хедо Туртоглу и Литванецот Линас Клеиз.

Мундо-баскетот во 2014 година се одржал во Шпанија и бил последен (барем засега) со 24 селекции. Во групата А, Шпанија на крајот била, пред Бразил, Франција и Србија. Во групата Б, лидер била Грција пред Хрватска, Аргентина и Сенегал. Во групата Ц, САД биле први, а следувале Турција, Доминиканска Република и Нов Зеланд, додека во групата Д, прва била Литванија, пред Словенија, Нов Зеланд и Мексико. Литванија во првото четврт-финале била подобра од Турција (73-61), САД од Словенија (119-76), Србија од Бразил (84-55), Франција од Шпанија (65-52). Во првото полуфинале, САД убедливо ја добиле Литванија (96-68), а во второто, Србија славела против Франција (90-85). Ова за САД беше вкупно петто злато на СП.

Французите стигнале до бронзата откако со пресврт во последната четвртина ги победиле Литванците, со 95-93. Во финалето во Мадрид (13.673 гледачи), САД предводени од МВП на СП, Кајри Ирвинг (26 коша), биле пресилни за Србите и славеле со 129-92. Порториканецот Хосе Бареа бил најефикасен стрелец со 22 поени во просек по меч, а МВП бил Кајри Ирвинг. Во најдобрата петорка, освен Ирвинг, влегле и Србинот Милош Теодосиќ, Французинот Николас Батум, Шпанецот Пау Гасол и Американецот Кенет Ферид.