Фото: Маја Јаневска-Илиева

Работата на градежните компании во странство би придонела за поголем развој, препознатливост и афирмирање на македонското градежништво на меѓународно поле. Исто така, би го поттикнала растот на домашната економија, со оглед на тоа дека работата на градежните компании би повлекла и поголем ангажман на домашната работна сила

Драстичен пораст на градежните работи, кои македонските компании ќе ги извршуваат во следнава година во земјите во странство, регистрира Државниот завод за статистика. Во нивниот извештај „Вредност на договорените и извршените градежни работи во странство, јануари – март 2019“ е наведено дека вкупната вредност на договорените градежни работи во странство изнесува 4.001.194 илјади денари, што е за 415,3 отсто повеќе во споредба со истиот период од претходната година.

– Во наведениот период, градежната оператива од Република Северна Македонија во странство извршила градежни работи во вкупна вредност од 48.065 илјади денари, што е за 81,4 процент помалку во споредба со истиот период од претходната година. Големиот пад на вредноста на извршените градежни работи се должи на завршување на градежните активности на објектите во Босна и Херцеговина на крајот од минатата година. Во истиот период е забележан зголемен обем на извршените градежни работи во Германија – е наведено во соопштението.

Претставниците на Стопанската комора на Македонија, поточно од Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите истакнуваат дека значителниот пораст на договорени градежни работи во најголем дел се должи на потпишувањето договор за изградба на првата фаза на автопатот во рамките на Коридорот 5Ц, кој минува низ Република Српска – правец помеѓу клучката Јоховац (Товир) и Руданка (Костајница), од страна на градежната компанија „Гранит АД Скопје“ во проектен конзорциум со „Интеграл инженеринг“ од Лакташи и јавното претпријатие „Автопати“ на Република Српска во вредност од 62,5 милиона евра во март оваа година.

– Компаниите-членки на здружението имаат капацитет за настап на странските пазари. Во делот на инфраструктурата има компании што се докажани во реализацијата на сериозни инфраструктурни проекти во земјите од регионот, но и пошироко и може самостојно да настапуваат на странските пазари, додека во делот на високоградбата, извршените градежни работи повеќе се сведуваат на користење на работната сила. Сепак, станува збор за многу мал број компании, кои во моментот се присутни на странскиот пазар, претежно во Босна и Херцеговина, поради што има простор да се разгледаат и можностите во соработка со надлежните институции да се најдат механизми за поддршка на домашните градежни компании за настап и работа во странство и освојување нови пазари – појаснуваат од СКМ.

Од здружението додаваат дека условите за добивањето работа во странство најнапред зависат од условите предвидени во тендерските документации во зависност од предметот на набавката, но секако се потребни и референци, квалификуван кадар, како и разгледување на можноста за заеднички настап на компаниите на странскиот пазар.

– Работата на градежните компании во странство несомнено би придонела за поголем развој, препознатливост и афирмирање на македонското градежништво на меѓународно поле, како и стекнување искуство, кое компаниите секако би го пренеле на домашниот пазар. Исто така, би го поттикнала растот на домашната економија со оглед на тоа дека работата на градежните компании би повлекла и поголем ангажман на домашната работна сила, градежни материјали и ресурси, особено ако се земе предвид дека градежништвото е еден од секторите двигатели на домашната економија и истото тоа е поврзано со околу 25 други стопански гранки – истакнуваат од комората.

Упатените во проблематиката посочуваат дека нашите градежни компании најчесто работат на пазарите од поранешните југословенски земји, кои на некој начин важат и за традиционални пазари за овие компании бидејќи сѐ уште се одржуваат релации со компаниите од регионот со кои и претходно соработувале компаниите.

– Има само неколку фирми што работат и надвор од Македонија, но поголемиот дел не успева да добие работа во соседните или, пак, во подалечните земји. Главни причини поради кои градежните компании сѐ помалку работат во странство се високите банкарски гаранции што треба да ги обезбедат, дозволите за работа и други услови.

Овие услови компаниите тешко ги исполнуваат најмногу поради фактот што кај нас сега доминираат помали фирми, кои немаат многу финансии на располагање. Од друга страна, голем проблем е што веќе немаме ниту компетентни луѓе што имаат капацитет да истуркаат поголеми или посериозни проекти. Најголем дел од квалификуваниот работен кадар замина во поразвиените земји, немаме веќе мајстори, што им оневозможува на нашите компании да дојдат до работа – вели експертот за градежништво Никола Велковски.

Во минатото домашните градежни компании уживале голема доверба не само во регионот, туку и пошироко, и нашите градежници заминувале на работа во многу пооддалечени земји, но по распадот на СФРЈ, состојбите драстично се променија.

[email protected]