Долго ќе живее македонското прашање

Не можат ниту Владата, ниту Собранието или претседателот на државата тоа што се создавало со децении да го избришат во еден ден, во една година. Можеше со еден клик на компјутерот секаде каде што пишуваше Македонија да се напише Северна, но не може ни со сто клика да им се избрише сеќавањето на луѓето, сите граѓани да се клонираат во склеротични

Веќе стана сосема извесно дека местото и перспективата на Македонија, освен во НАТО, се бараат во Европската Унија. Таа определба и да не е стоотстотно изразена македонска желба и волја, сакале или не сакале, сепак Македонија и другите земји на Балканот политички се вклучени во глобалниот распоред на држави што територијално ѝ припаѓаат на Унијата, тие не се само сфера на влијание, туку и на владеење по нејзините закони. Целиот проект се одвива под американска капа, а во организација и под надзор на германската канцеларка Ангела Меркел, која ги осмислува идеите, ги организира средбите меѓу лидерите, ги дава или ги слуша предлозите и решава за следните чекори. Значи, ЕУ не е ветената земја каде што за Македонците ќе тече мед и млеко, но во сегашната мапа на распоредот на силите е безмалку единствената опција што може евроамериканците да ја дозволат.

Одредувањето на датумот за почеток на преговори, што наскоро се очекува, е само првата појдовна станица на која семафорот покажува зелено светло, но и првата етапа во која почнуваат и отворените проблеми. Македонија веќе ќе нема големи отпори од големите земји-членки, ниту во бриселската бавна и непредвидлива бирократија, која ќе поставува услови, но не толку болни како промената на името и сѐ што следуваше по тој непристоен чин. Стапиците, во најголем дел, ќе бидат поставувани од Бугарија и од Грција, претпоставка што се насетува од нивниот тридецениски однос и од актуелниот однос кон договорите за пријателство и соработка потпишани со нашата земја. На тоа, освен поранешните изјави на политичарите од двете земји, упатуваат и последните изјави на претседателот на Бугарија Румен Радев и на новиот грчки премиер Киријакос Мицотакис.

Неодамна шефот на бугарската држава Румен Радев, на средба со бугарските членови на Заедничката комисија за историски и образовни прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија, заканувачки рекол оти не може да се даде гаранција за некаков напредок на Македонија на патот кон ЕУ ако таа не го спроведува доследно договорот. Пренесена е неговата изјава дека Владата треба да преземе екстремни мерки за изработка на нова национална позиција со јасни барања и критериуми за заштита на бугарскиот национален интерес, барања што треба да бидат изрично внесени во преговарачката рамка за Република Северна Македонија како задолжителен услов за членство. Претседателот Радев до скоро беше еден од оние бугарски политичари што даваше помеки изјави, но најверојатно под притисок на националните јастреби се приклучува кон бригадата, која жестоко ќе ја притиска Македонија во иднина. Иако Радев и Бојко Борисов се во постојани препирки и судири и меѓусебни игнорирања, при што Борисов ја истакнува својата главна управувачка улога, најверојатно дека за потезите кон Македонија ќе дуваат во иста тиква. И двајцата жестоко се залагаат за заштита на бугарскиот интерес, кој, рака на срце, околу историските и идентитетските прашања е сосема различен од македонскиот национален интерес. Да не речеме спротивен.

Иако навидум благи, коректни и искрени, изјавите на премиерот Мицотакис се мошне категорички во својот поттекст, во смисла дека бил против потпишувањето на спогодбата сепак ќе ја почитува, но ќе бара нејзино целосно спроведување. Овде замката е во тоа што едно е што ќе ја почитува, сосема друго е како ќе ги толкува сѐ уште спорните одредби од спогодбата. Македонската страна, ако со Бугарите знае приближно, каде што може да се очекува поставувањето на барикадите, со Грците, како и секогаш, тоа ќе биде понеизвесно. Новата влада сигурно нема да ги напушти и изневери старите проверени дипломатски интриги и финти, нема да се откаже од, макар и ситни провокации, со што ќе го усложнува и подзапира процесот за приклучување на Македонија кон ЕУ.

Спорните прашања меѓу Македонците, Бугарите и Грците се стари повеќе од сто години. Сега на народите од Балканот, а посебно на Македонија не само што ѝ се препорачува туку ѝ се наметнува во име на иднината, освен што го смени имено, да го смени и своето минато, да ја смени својата историја. Отворено го бараат тоа, а делумно, почетно, успеваат да го остварат Бугарија и Грција. Само наивните може да веруваат дека тие барања ќе запрат, тие ќе бидат користени како алиби за да ги оправдаат стекнатите позиции пред своите гласачи. Македонија, иако кандидатка за членка на ЕУ, најверојатно нема повеќе да го носи епитетот „буре барут на Балканот“, но тешко ќе ја симне од себе синтагмата дека е „јаболко на раздорот“. Таканареченото „македонско прашање“ уште долго ќе живее и во двете земји, нема да се симне од врвот на нивниот интерес, ќе биде користено ем за внатрешна употреба, ем за притисок кон Македонија. Битката околу него ќе го влече процесот за прием во ЕУ долги години. На македонска страна е вистината, во нивни раце е силата.

Би била сосема погрешна претпоставката дека минатото на земјата може лесно да се смени и да се заборави, иако динамичните процеси низ кои врви Македонија и креативните решенија, кои се носат во неа во овие триесетина години, не исклучуваат таков брз пресврт во мислењето и психологијата на Македонците. Многу нешта за кои се мислеше дека е неможно да се случат се случија, за многу уставни, законски и други решенија, за кои се мислеше дека не смеат да се донесат по никоја цена, се донесоа и се спроведуваат како ништо да не било. Сепак, не можат ниту Владата, ниту Собранието или претседателот на државата тоа што се создавало со децении да го избришат во еден ден, во една година. Можеше Македонија, со еден клик на компјутерот, секаде каде што пишуваше Македонија да напише Северна и да ги смени сите закони, но не може ни со сто клика да им го избрише сеќавањето на луѓето, сите граѓани да ги клонира во склеротични.

Бугарската и грчката политика, иако навестуваат пријатен период во односите со Македонија, не го нудат тоа како подарок за Заев или за македонскиот народ, на тие подароци треба повеќе да се гледа како на данајски. Илузија е да се мисли или од македонските политичари да се проповеда дека од денот кога ќе биде одреден датумот за преговори сѐ ќе се одвива како тазе подмачкано. Напротив. Кон таа сива зона на можните идни заплети се движат бугарските ултиматуми околу припадноста, ликот и делото на Гоце Делчев, што подоцна може да создадат дополнителни прашања за самобитноста на македонскиот јазик и писмо, подоцна на народот во целина. Ако се зборува отворено, треба да се каже дека досегашните изјави на високите бугарски политичари конкретно за Македонија (не општо за Унијата) отскокнуваат од духот на договорот, тие повеќе наметнуваат уцени одошто бараат компромисни решенија. Ултимативните барања, наредбодателниот тон, гледањето од висина, понижувачкиот однос, кои ги покажуваат бугарските и грчките лидери не се елементи што градат пријателство, меѓусебна доверба и ги усложнуваат и ги оддалечуваат компромисните решенија.

[email protected]