Ласте Димитриевски ја прими наградата од Зоран Михајлов Фото: Маја Јаневска-Илиева

Сојузот на спортови на Скопје, по повод Денот на ослободувањето на главниот град, 13 Ноември, традиционално им ги додели признанијата на најдобрите спортисти, екипи, тренери, спортски работници и новинари за 2018 година. Меѓу добитниците на признанијата е и „Нова Македонија“, преку нашиот новинар Ласте Димитриевски, за повеќегодишната работа и известување од многубројните спортски натпревари и настани.

Кик-боксерот Бобан Илиоски, победник на два турнира во рамките на Европскиот куп и освојувач на второ и трето место на два светски купа, е добитник на признанието спортист на годината на Скопје. Тренер на годината е Дејан Митровски (кик-бокс), а најдобра е ракометната машка екипа на Вардар.

Во категоријата спортски работници признанијата ги добија Перица Крстевски, за заслугите во организацијата на Скопскиот маратон, Никола Тасев, за активностите за обновувањето на хокејот во Македонија и Гордана Николовска, една од главните организатори на Скопскиот маратон.

Признанија за животно дело добија Кочо Димитровски, фудбалската легенда на скопски Вардар, Борче Брсаковски, основоположникот на студентскиот спорт во Скопје и Венцислав Недев, основач и еден од првите традиционални каратисти во Македонија.

Директор на Агенцијата за млади и за спорт на Македонија (АМС), Дарко Каевски го доби признанието за општествено-спортски работник, за активностите за подобрување на состојбата во спортските организации и настани во Скопје. За најдобар судија беше прогласен тенискиот судија Зоран Поповски, кој бил дел од три ЛОИ, во Атина во 2004 година, Лондон 2012-та и во Рио де Жанеиро во 2016 година, како и на други големи тениски натпреварувања.

Фото: Маја Јаневска-Илиева